Македонија
29. October 2015 - 19:49

Министерот Попоски ја отвори македонската амбасада во Токио – Јапонија

Со свечена церемонија во Токио е отворена Амбасадата на Република Македонија. На чинот присуствуваа шефот на македонската дипломатија Никола Попоски, заедно со македонскиот амбасадор Андријана Цветковиќ и парламентарниот заменик министер за надворешни работи на Јапонија Мики Јамада.

Попоски истакна дека отворањето на амбасадата е историски момент во македонско-јапонските односи, и претставува логичен чекор по 21 година успешни билатерални односи меѓу двете држави.

Луѓето во Македонија нема никогаш да ги заборават моментите на помош од Јапонија кога најмногу ни беше потребна, како што е трагичниот земјотрес во 1963 година во Скопје, потенцира Попоски пред стотина гости, претставници на дипломатскиот кор во Јапонија, како и претставници на бизнис заедницата.

Шефот на македонската дипломатија се заблагодари на финансиска и техничка помош што Јапонија ја пружа години наназад, посебно во моментов кога Макеоднија се соочува со напливот на мигранти, за што Јапонија донираше над 2 милиони и двесте илјади евра.

-Јапонија може да игра активна улога и во справување со изворот на проблемот, кризата во Сирија  и во менаџирање на страничните ефекти, како што е бранот мигранти што е вистински предизвик за Европа во моментов‘, изјави Попоски за јапонската телевизија 24 вести.

Шефот на македонската дипломатија врачи повеќе благодарници за особен придонес во негувањето на билатералните односи.

Првиот македонски резидентен амбасадор во Токио, Андријана Цветковиќ во иднина очекува отворање на јапонска амбасада во Македонија за доградба на мостот на пријателство.

Дипломатско-конзуларното претставништво на Република Македонија во Јапонија официјално е отворено во мај 2013, а двете земји воспоставија дипломатски односи во 1994 година.