Македонија
1. November 2017 - 15:54

Министерот Николовски копретседател на Меѓувладината македонско-руска комисија

 Владата на Република Македонија го именуваше министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски за копретседател на македонскиот дел на Меѓувладината македонско-руска комисија за трговско-економска и научно-техничка соработка меѓу Република Македонија и Руската Федерација.
 
Во фокусот на Меѓувладината македонско-руска комисија за трговско-економска и научно-техничка соработка ќе бидат секторите земјоделство, енергетика, индустрија, трговија, транспорт, образование, наука, култура, туризам и воено-техничка соработка.
 
Како што информира Министрството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ), целта на Комисијата е унапредување на трговско- економската и научно-техничката соработка меѓу двете земји.
 
Во рамки на Комисијата се формирани работни групи од секој сектор кои соработуваат и подготвуваат соодветни материјали за одржување на комисиските седници.
 
Меѓувладината македонско-руска комисија за трговско-економска и научно-техничка соработка беше во мирување изминатите три години поради политичката криза. Динамиката на одржување на седниците на Комисијата е еднаш годишно, а следната седница, според МЗШВ, ќе биде одржана во Република Македонија, во најбрз рок.