Бизнис
21. August 2018 - 19:47

Министерот Николовски гледа политика во протетсите на производителите на сливи

Министерот за земјоделие обвини дека протестите на сливарите се политички мотивирани, а актуелната состојба е резултат на криминалните и не коегзистентни политики кои се водени во изминатите 11 години од страна на претходната власт. Државата нема проблем со откупот, вели Николовски, зашто одобриле по 2 денари за откупувачите и 3 денари за производители за предаден килограм сливи.

- Има проблем државата со овие барања од страна на една поединечна група, која што политички и партиски е мотивирана, сливите да не се откупуваат, да останат не собрани, а за тоа да се плати не знам каква штета од 150 000 денари (по хектар).

Овоштарите вчера негираа било каква вмешаност на политиката во протестите.

- Политика нема. Ние сите имаме иста мака.

Од опозициската ВМРО –ДПМНЕ се огласија со соопштение, во кое стои дека СДСМ ги излажа земјоделците. Заев ветуваше дека кога ќе дојде на власт откупот на земјоделските производи ќе биде загарантиран, а откупувачите ќе се тепаат кој повеќе да откупи. 20.000 тони слива скапува по нивите, а власта не презема ништо. Земјоделците нема каде да го продадат својот род, немаше откуп за доматите, бостанот, праските, пченицата, а сега и за сливата. Земјоделците се понижени и доведени на раб на егзистенција, велат од ВМРО – ДПМНЕ.

Наспроти ова тврдење, Николовски потенцира дека добиле 1 милион евра од ЕУ за анализа и промена на моделот на субвенционирање, а како втор приоритет е искористување на сите европски пари од ИПАРД 2 програмата и нивно вложување во македонското земјоделство.

- До денес се склучени договори за над 12 милиони евра кои веќе се ставаат во функција на македонското земјоделство и за тоа се склучени 688 различни договори-додаде Николовски

6, 2 милиони евра се за поддршка на земјоделските стопанства со механизација, а 6,1 милион евра за инвестиции во преработувачките капацитети. За 107 договори во постапка е исплатата на средствата кон апликантите.