Македонија
6. October 2016 - 18:10

Министерот Кучи се сретна со новиот француски амбасадор Кристијан Тимоние

Министерот за економија Дритон Кучи денеска оствари средба со новоименуваниот француски амбасадор во Македонија, Кристијан Тимоние.

Кучи и Тимоние, како што соопшти Министерството за економија,  ја оцениле економската соработка меѓу Македонија и Франција како успешна, со голем потенцијал за нејзино продлабочување во сферата на нови инвестиции од француски компании, нивен ангажман во изградба на енергетските капацитети, како и зголемување на бројот на туристи од Франција во нашата земја.

Министерот Кучи се заблагодарил за постојаната поддршка што Република Франција ја дава на Република Македонија, вклучувајќи го и интересот за проектите кои се во надлежност на Министерството за економија. - Македонија е дел од Европа, но и понатаму ни е потребна поддршката на Франција за зачленување во ЕУ и НАТО, изјавил министерот Кучи.

Амбасадорот на Франција го поздравил успешниот развој на билатералните односи меѓу двете земји и изразил уверување дека Франција ќе остане посветена на продлабочување на економската соработка и ќе продолжи со поддршката на Република Македонија на нејзиниот европски пат.