Македонија
10. September 2018 - 16:29

Министерот Филипче ќе се сретне со младите лекари и специјализанти за нивните барања

Системски промени а не шминкање на здравствениот систем, очекуваат од Асоцијацијата на млади лекари и специјализанти кои минатата недела до надлежните  доставија 11 предлози за подобрување на статусот на докторите и спречување на миграцијата на медицинскиот кадар. Министерот за здравство најави дека до крајот на неделата ќе оствари средба со Асоцијацијата, но не откри дали во буџетот има пари за плаќање на патни трошоци и субвенции за лекарите да  да купат стан, што беа едни од главните барања.

-Нашите предлози очекуваме да се слушнат, наптавивме анализа и немаат некоја финансиска импликација, и очекуваме да бидат реализирани, само ако се има волја. Очекуваме да се започне од негде, бидејќи изминатиот период само се трупаат проблеми, вели Ненад лазаров, претседател на Асоцијација на млади лекари и специјализанти.

Според проценките, само на скопските клиники има околу 600тини специјализанти од кои повеќе од половина се од внатрешноста. Сами плаќаат ќирија како и останасти трошоци за живот. Од асоцијајацијата велат дека револтот кај младите лекари е огромен.

-Тоа се колеги кои се оставени сами на себе. Многу малку установи исплаќаат патни трошоци и одвоен живот. Така да се издвојуваат од џеб а мора 24/7 да се допстапни, работат и дежураат. Нас не ни треба шминкање туку да се решат егзистенцијалните прашања, вели Лазаров.

За разлика од порано, младите лекари велат дека сега е вистински луксус да студираат медицина и да продолжат со специјализација. Покрај патни трошоци, бараат и платено породилно за лекарките кои добиле лиценца без разлика на работниот однос како и изградба на дом за студентите на медицина.