Македонија
28. November 2019 - 13:11

Министерот Елвин Хасан на 10-тиот Босфорски Самит во Истанбул

Министерот без ресор задолжен за странски инвестиции Елвин Хасан е во работна посета на Република Турција, каде што учествува на 10-тиот Босфорски Самит во Истанбул. На Самитот учествуваат претседатели, премиери, заменици премиери и министри од целиот свет.

Овој Самит традиционално се одржува секоја година во Истанбул, 10 години по ред. Целта на Самитот е да се стимулира глобалната соработка, да се зголеми трговската размена и инвестициите и да се создаде дискусија помеѓу политичари, бизнисмени и слично. Самитот трае 3 дена, од 27-ми ноември до 29-ти.

Министерот Елвин Хасан имаше свое обраќање на тема „Иднината на глобалната трговска размена во променливиот свет“. Во своето обраќање министерот Елвин Хасан прво им се заблагодари на организаторите за поканата и за придонесот на Самитот кон подобрување на економскиот раст и развој како и привлекување на потенцијални инвестиции.   Тој во својот говор посочи  „Земјите кои имаат добри односи имаат можност да ги спојат своите економии со зголемена размена и инвестиции. Производи и услуги кои порано биле достапни само во одредена земја сега се веќе присутни и на други пазари што директно е поврзано со подобрени економски можности.  За инвеститорите овие можности носат поголем избор за инвестирање и нови начини за профитирање “.

Министерот порача дека треба да се користат сите  промени кои настануваат од модерното време во насока на продлабочување на економската соработка на глобално ниво. Покрај другото, ја истакна важноста на прифаќањето на новитите и на иднината, потенцираше дека Македонија постојано се надоградува со времето и чекори сигурно кон иднината и новото време, пример за тоа е подобрените меѓусоседски односи со Бугарија и Грција, кои се негуваат со различни активности во насока на одржување на истите како што се Бизнис Форуми одржани во Скопје кои се покажале како одлични за односите помеѓу земјите. „Економските показатели покажаа значително зголемена трговска размена на земјата. Очекуваме нашата земја да се надоградува и развива во секоја смисла, од членството во НАТО не дели само еден чекор, а наскоро очекуваме и датум за преговори за влез во ЕУ“, потенцираше министерот Хасан.

Кабинет на министерот