Македонија
16. August 2017 - 18:57

Министерот Адеми се сретна со британскиот заменик амбасадор Едвардс

Министерот задолжен за дијаспората Едмонд Адеми денеска се сретна со заменик амбасадорот на Велика Британија во Република Македонија, Паул Едвардс.

На средбата, како што се вели во соопштението, станало збор за плановите и размислите за насоките кои што кабинетот за дијаспора би ги презело во иднина.

Министерот Адеми истакнал дека работат на воспоставување односи со нашата дијаспора со цел таа да се почувствува дека има дом во кој што може да се врати. - Со оглед на тоа дека во Велика Британија има значителен број на иселеници од Република Македонија, министерот напомна дека е во контакт и соработува со Асоцијацијата на македонците во Велика Британија (АМУК) и дека се планираат заеднички активности со цел да се предлабочи соработката помеѓу Владата на Република Македонија и нашата дијаспора во Велика Британија, се вели во соопштението од кабинетот на Адеми.

На средбата било истакнато дека наредната 2018 година во Република Македонија се планира да се одржи Самит на министри за дијаспората, организиран од страна на кабинетот за дијаспора, на кој би се разгледувале теми поврзани со дијаспората и нејзината улога во креирањето на политики.

Исто така министерот Адеми говорел и за Информацијата за Национална стратегија за соработка со дијаспората.

Амбасадорот истакнал дека градењето билатерални односи е клучен фактор за успехот на Република Македонија, и дека и тие, од нивна страна работат на тоа, со стипендии за младите луѓе, меѓу кои и Шевенинген програмата, се со цел младите луѓе да станат идни лидери на својата држава.

Миграцијата е глобален процес кој што не може да се запре, според министерот Адеми, но, како што посочил, доколку имаме соработка со сите чинители и ги искористиме нивните потенцијали, тоа ќе биде од голем придонес за државата и општеството во целина.