Македонија
31. July 2017 - 18:09

Министерката за труд и социјална политика во работна посета на Кавадарци

 Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска денеска беше во работна посета на Центарот за социјални работи во Кавадарци.

Според министерката, кавадаречкиот е еден од триесетте центри на територија на Македонија кои опслужуваат повеќе од 200 илјади граѓани кои се во социјален ризик и имаат социјални проблеми.

- Европската Унија со нивно кофинансирање обезбеди техничко опремување и реконструкција на 28 центри за социјална работа на територија на РМ. Дополнително, 30 центри добија возила и ова е оној прв чекор во кој ќе направиме реконструкција на системот социјална заштита, соопшти таа, истакна Царовска.

Нагласи дека ако центрите не одат на терен, немаат возило и ако условите за работа и на социјалните работници и другиот стручен кадар се навистина лоши, тогаш не може да се зборува за квалитетна социјална заштита. 

- Во процедура сме Владата да донесе одлука за вработување на нови 60 социјални работници во наредниот период. Тоа ќе оди во две фази и со тоа ќе го подобриме квалитетот на услуги и теренската работа на овие центри за социјална работа, рече Царовска. 

Порача дека суштинска промена на овој систем за социјална заштита, ќе се види со донесување на новиот закон којшто е во процедура. Таа смета дека една година ќе биде сосема доволна за овој закон со широка дебата.

- Што ќе значи овој нов систем на социјална заштита или овој нов закон. Осовременување или поделба на материјалните права, исплатата од услугите. Македонија мора да добие конечно мрежа на социјални услуги кои треба да ги нуди на граѓаните и тоа во плурален систем и бизнис сектор и граѓански организации и државата да ги нудат квалитетните услуги, но исто така и материјалните права или социјалните трансфери. Кога конечно во даден месец државата ќе исплати социјален трансфер, во моментот познат социјална парична помош, таа мора да биде над нивото на линија на сиромаштија, инаку не ја дава улогата и токму тоа го договараме на крајот од 2018 година конечно ќе го видиме во пракса и минималниот адекватен приход или исплата на социјален трансфер до линија на сиромаштија, рече министерката. 

На новинарско прашање за новата градинка во Кавадарци, Царовска информираше дека тимот од Министерството било на терен во посета на градинката.   

- Иако општината има обврска да ја изгради и да вложи финансиски средства во истата, ние имаме обврска да ја опремиме истата таа градинка. Е сега, тие немаат испратено до нас спецификација, за што од опрема и каков тип на опрема им е потребна за таа градинка. Очекуваме да тоа се случи откако нашата екипа денеска ќе направи записник и ќе утврди што уште треба да се заврши во реконструкцијата на тој објект, понатаму нека си поднесат барање со спецификација за сите утврдени потреби и ние апсолутно сме спремни и има средства во буџетот да обезбедиме опремување на градинката во Кавадарци до крајот на 2017 година без никаков проблем, соопшти министерката Царовска. 

Нагласи, дека треба да се почитуваат процедурите и дека до крајот на годината ќе има опремени 13 градинки кои ќе бидат во функција, а во кои ќе се згрижат над 628 деца.