Македонија
14. February 2017 - 10:42

Министерката Канческа-Милевска во посета на Берлин

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска престојува во работна посета на Сојузна Република Германија, каде што претпладнево ќе го посети Прима-центарот во Берлин и ќе оствари средба со директорот Јован Балов.

- Галеријата на Прима-центарот е култно место во Берлин кое функционира во рамките на Здружението на интернационални уметнички галерии на Берлин „Колони вединг“, кое во изминатите четири години има освоено осум први гранд награди на Берлинскиот совет за култура, за стимулација и поддршка на независни проекти. Досега со поддршка од Министерството за култура во овој културен центар се претставија над 90 уметници, млади и талентирани македонски автори кои во последните 8 години реализираа повеќе од 40 самостојни или групни изложби, соопшти Министерството за култура. Во 2017 година во Прима-центарот ќе се претстават македонските автори: Сашо Блажевски, Михаела Јовановска, Кристина Божурска, Дарко Талевски и Ангел Миов.

На средбата Канческа-Милевска и Балов ќе се осврнат на сите досегашни активности во овој центар, но и на идните планови за интензивна промоција на македонската култура и уметност во овој реномиран простор. 

Во рамките на посетата на Берлин, каде што деновиве се одржува 67-от Берлински филмски фестивал, Канческа-Милевска заедно со директорката на Агенцијата за филм на Република Македонија Мими Ѓоргоска-Илиевска, денеска ќе оствари средба и со извршниот директор на европскиот фонд за копродукции Еуримаж, Роберто Ола. Министерката за култура ќе се сретне и со директорот на Европската филмска академија Марион Доринг, со селекторот на Фестивалот Николај Никитин, со Мариа Троколи од Директоратот за филмска продукција при Министерството за културно наследство и туризам на Република Италија, како и со директорите на филмските фондови на Израел, Србија и Бугарија.

- На средбите ќе бидат разгледани можностите за соработка, копродукции, промоција и презентација на македонската кинематографија во Европа и во светот, наведува Министерството за култура.

За време на посетата Канческа-Милевска ќе оствари средба и со Беки Пропст, претседател на Европскиот филмски маркет, во чии рамки Агенцијата за филм на Република Македонија континуирано низ годините ја презентира македонската кинематографија, но и сите поволности што ги нуди нашата земја во областа на филмската дејност.

Вечер во рамките на Берлинскиот филмски фестивал Канческа-Милевска ќе присуствува на светската премиера на новиот македонски филм „Кога денот немаше име“ на Теона Стругар-Митевска во продукција на „Сестри и брат Митевски“. Филмот, кој е македонско-белгиско-словенечка копродукција, ќе биде прикажан во салата „Зоо Паласт“, во рамките на програмата „Панорама“. Вчеравечер на Берлиналето во оваа програма беше прикажан и филмот „Реквием за госпоѓа Ј.“ во српско-бугарско-македонска копродукција, по сценарио и режија на Бојан Булетиќ.