Бизнис
13. August 2020 - 16:42

Министерката Ангеловска за девет месеци трипати го менувала анкетниот лист како резултат на промени поврзани со депозитот во „Еуростандард банката“

Министерката за финансии од септември лани, до јуни годинава три пати го менувала анкетниот лист, тврдат антикорупционерите. Според нив, Нина Ангеловска за 9 месеци  од својата  заштеда во Еуростандард банка подигнала вкупно 240,844  евра, од кои над 110,000 евра само во јуни.

Кога точно се повлекувани парите Антикорупциска нема точен датум, но по законската обврска промената се прави во рок од 30 дена. Претседателката на антикорупциска вели го анализираат случајот.

Ангеловска уште синоќа негираше дека постои поврзаност со повлекувањето на средствата со ситуацијата во банката.

„Сите промени на имотната состојба на министерката се уредно пријавени во анкетниот лист и ги охрабруваме новинарите истражувачи да ги разгледаат датумите на пријавените промени. Потенцираме – промените се направени пред подолг период и јасно може да се увиди дека немаат никаква поврзаност со денешната објава на Народната банка“, соопшти Министерството за финансии.

Дали министерката навремено ги повлекла парите од банката, одговори од неа бара и опозицијата.

Од владејачката СДСМ, пак уверуваат дека и покрај одземањето на дозволата за работа на Еуростандард банка, банкарскиот систем во земјава е стабилен.

Граѓаните можат да бидат спокојни, банкарскиот систем е стабилен и ликвиден. Спокојни треба да бидат и лицата депоненти во банката, бидејќи нивните депозити согласно Законот за Фондот за осигурување на депозити се осигурени и ќе бидат обесштетени од Фондот за осигурување на депозити во износ до 30.000 евра по лице во денарска противвредност.

Инаку вчера пропадна Еуростандард банка. Народна банка и ја одзеде дозволата за работа на банката, бидејќи издавала кредити без соодветно покритие. Во наредните 20 дена на 136. 619 штедачи треба да им бидат исплатени речиси 72 милиони евра кои ги чувале во банката.