Бизнис
28. јуни 2018 - 20:00

Минимално ќе поевтини цената на струјата

Минимално ќе се намали цената на струјата. Новиот состав на Регулаторната комисија за енергетика најави корекција по утрешната седница. Информираат дека од ЕВН побарале поскапување за 9%, ЕЛЕМ бара намалување за 1,5%, а МЕПСО не испратиле јасна пресметка за направените трошоци. Регулаторна ќе ја намали и цената за нов приклучок во мрежата, за што во моментов се плаќа повеќе од 500 евра. Се работи и на дефинирање на критериумите за тендерот за универзален снабдувач со струја.

Во втората половина од јули се очекува да се објави тендерот, а во септември ќе биде одбрана фирмата снабдувач што ќе продава струја по цени и правила од Регулаторната комисија за енергетика.

Во земјава моментално се активни 12 снабдувачи со електрична енергија. Според новиот Закон за енергетика, од следната година секој ќе може да одбере дали ќе купува струја на слободен пазар или од универзалниот снабдувач по регулирана цена.

Регулаторна ја разгледува и опцијата во постоечките објекти со хоризонтален систем за парно греење да се постават калориметри, но сèуште се анализира чиј ќе биде трошокот - на граѓаните или на компанијата снабдувач. Информираат дека се разгледува и проблемот на исклучените од системот за парно греење, кои плаќаат паушал.

Мирјана Јовеска за Сител телевизија