Бизнис
27. јуни 2019 - 16:49

Минималецот нема да порасне од 1. јули

Минималната плата нема да се зголеми од први јули, како што тоа го најави премиерот Заев. Економско-социјалниот Совет се уште преговара за износот, односно за колку ќе се зголеми минималецот. Засега не е донесен ниту конечен текст на измените на Законот. Од Министерството за труд не добивме конкретен одговор кога мерката ќе стапи во сила.

-Преговорите за зголемување на минималната плата се во тек со сите претставници на Економско-социјалниот совет, вклучувајќи ги и синдикатите и работодавачите. Заложбата на Владата е да ја зголемиме минималната плата и тоа да биде со одлука на сите засегна страни, велат од Министерството за труд и социјална политика.

Според извори од Советот, се преговара минималецот да биде 13.000, како што најави премиерот, но субвенции да добијат трудоинтензивните компании.

Износот на новата минимална плата беше проблем уште од најавата на Заев. Синдикатите бараа таа да се зголеми на најмалку 13.800 денари. За бизнисот, пак, новото зголемување значи нов товар.

Според експертите, ефектот од зголемувањето на минималната плата врз другите плати ќе биде минимален. Според нив, работниците со најниски примања ќе добијат минимално зголемување, а останатите работници нема да почувствуваат бенефит од мерката.

Во моментот, минималната плата изнесува 12.508 денари.