Бизнис
29. July 2021 - 17:03

Мини Шенген доби име – Отворен Балкан до 2023-та треба да ги отвори границите меѓу Албанија-Македонија-Србија

Отворен Балкан од 01 јануари 2023. Граници ќе има, но рампите ќе се дигнат за граѓаните на Македонија, Албанија и  Србија. Премиерите на Македонија и Албанија  и претседателот на Србија денеска на бизнис форум ја промовираа иницијативата на која ќе работат во следната година и половина за да може да стане реалност. За овој период ќе треба да се усогласат сите документи кои ќе овозможат овој регион да стане интегриран пазар.

Регионот ќе настапува заедно и на глобалниот пазар, посебно кога станува збор за привлекување странски инветсиции. Сите земји се соочуваат со недостиг на работна сила, тој проблем сега ќе се надмине со тоа што ќе се укинат и работните дозволи меѓу трите земји.

Сите дозволи, сертификати, електронски потписи потребни за транспорт ќе бидат меѓусебно признати и транспортерите веќе нема да губат време со документите. Времето на чекање на границата ќе биде 0.

На денешниот форум присуствуваа околу 400 компании од трите земји, но и од Косово, Црна Гора и Босна. Беа потпишани меморандуми за брз транспорт на стока и за укинување на работните дозволи за работниците во трите земји. Беше потпишан и договор за заедничко справување со катастрофи.