Балкан
28. February 2018 - 20:16

Мини реконструкција во грчката влада

Грчкиот премиер направи промени на шест министерски позиции во мини реконструкција што се најавуваше откако поднесоа оставки министерот за економија и неговата сопруга, заменичката министерка за труд.

Како што јави дописникот на МИА од Атина, портпаролот на грчката влада, Димитрис Ѕанакопулос ги објави имињата на новите министри и заменици во Министерствата за економија, миграциска политика, одбрана, труд, образование и култура.

На испразнетото место во Министерството за економија, по оставката на Димитрис Пападимитриу, доаѓа вицепремиерот Јанис Драгасакис, кој си ја задржува и досегашната позиција.

Од Министерството за миграциска политика, си заминува Јанис Музалас, а на негово место, од позицијата заменик министер за одбрана, доаѓа Димитрис Вицас.

На функцијата на Вицас пак, во министерството за одбрана, заменик на Панос Каменос ќе му биде Фотис Кувелис, чие име беше целосно неочекувано и предизвика изненадување во Грција.

Кувелис, своевремено, како претседател на Демократската левица беше дел од владината коалиција заедно со ПАСОК и Нова демократија во периодот 2012-2013, а од 2015 ја напушти партијата и го формираше движењето Заедничко движење на европската десница.

Функцијата заменик министер за образование, истражување и религија ја презема пратеничката од СИРИЗА, Меропи Ѕуфи.

Новиот заменик министер за труд е Атанасиос Илиопулос, а заменик министер за култура и спорт Константинос Стратис.

Во останатите министерства нема никаква друга промена.