Македонија
15. August 2021 - 16:49

Минатата недела аплицирани 50.000 први дози вакцина против Ковид-19 - во Скопје дневно се аплицираат 1.200

По најавата дека од понеделник во кафуле или на настан на отворено без сертификат нема да можат да влезат лица кои го немаат прележано вирусот или не се вакцинирани, граѓаните во 5 до 12 поитаа да се имунизираат. За зголемениот интерес  за вакцинација не говорат само гужвите кои беа неизбежни  изминативе денови туку и последните податоци на надлежните. Само неделава со прва доза вакцина се боцнале 50 000 граѓани,а заклучно со вчера досега околу 600 000 лица се вакцинирани со две дози. На ниво на Град Скопје дневно се аплицираат над 1000 дози вакцини.

Во рамките на скопскиот здравствен дом најчесто се аплицира Фајзер, но и другите достапни вакцини.

Опозицијата и денеска со обвинуавња кон власта. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека додека Филипче одмарал на плажа во Грција, во земјава се случува  експлозија од заразени.

-Само за 24 часа во Македонија има нови 792 нови потврдени случаи и 10 наши сограѓани го изгубија својот живот како последица од Ковид 19. Најнеспособниот министер за здравство Филипче пред само неколку недели, пред да замине на одмор, спектакуларно најавуваше дека само што не сме ја победиле пандемијата. Кажа и замина на одмор. Целосно ги олабави мерките, без никакви контроли на граничните премини, Македонија за 10 дена повторно стана жариште од корона пандемијата, се вели во соопштението на ВМРО.

Со став излезе и СДСМ.

Со оглед на тоа дека и покрај имунизацијата, најкритична е  ситуацијата во Тетово, министерот за здравство од утре најави нови мерки за градот.

Инаку утре продолжува вакцинацијата на населението. Отворени ќе бидат и четирите вакцинални пунктови во поликлиниките во Чаир, Ченто, Драчево и Ѓорче Петров кои во функција се од вторникот.