Македонија
22. March 2019 - 14:07

МИМ ги додели наградите за најдобри истражувачки стории во 2018

Новинарката Славица Филиповска е добитник на наградата „Никола Младенов“ за најдобра истражувачка сторија за 2018 година што ја доделува Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Таа е наградена за серијалот истражувачки стории на тема „Депоните со линдан во и надвор од фабриката Охис“ објавени во емисијата „360 степени“ на Алсат М телевизија.

Според жири-комисијата, сторијата на Филиповска третира исклучително значајна тема од јавен интерес која е обработена на квалитетен и професионален начин.

– Преку сеопфатно истражување речиси во текот на целата 2018 година и обработка на податоци од релеватни извори за штетните влијанија на линданот, новинарката обелоденува дека иако институциите имале сознанија за депонијата, досега ниту една власт не презела никакви мерки. Комисијата смета дека направената сторија третира исклучително значајна тема од јавен интерес која е обработена на квалитетен и професионален начин. Новинарката демонстрирала истрајност и континуитет во следењето на приказната откривајќи сериозни системски слабости во однос на заштитата на животната средина и здравјето на граѓаните на Скопје, истакна Билјана Петковска, директорка на МИМ која е една од членовите на жири комисијата.

Заблагодарувајќи се за наградата, Филиповска рече дека таа е силен ветер во грб на патот којшто сме го одбрале. – И како што рече Младенов, на тој пат нема компромис, рече Филиповска.

Втората награда ја доби Евис Халили Мемедалија за серијалот текстови за злоупотреби во рамки на Националната програма за култура за 2018 објавени во дневниот весник „Коха“, а третонаградена е Елена Коловска за истражувањето за долгот на 20-те најзадолжени општини пред локалните избори во 2017 година.

МИМ денеска им додели и профалници на новинарите Сунаи Сабриоски, Марија Митевска и Дарко Шарговски.

На годинашниот конкурс се пријавија 30 автори со 45 стории објавени на телевизии, дневни весници, неделници и интернет портали.

Наградата за најдобра истражувачка сторија годинава се доделува по 18-ти пат како дел од заложбите на МИМ за унапредување на професионалното новинарство и на демократските вредности во земјава.