Македонија
3. December 2018 - 16:17

Милошоски VS. Ременски: За опозицијата прислушувањето е скандал, власта не знае дали се работи за прислушување

Нема нови детали од истрагата за  скандалот со прислушувањето на телефонските разговори  во обвинителството и кривичниот суд.  ПРедистражната постапка е во тек велат од обвинителството,  се вештачат докази, се преземаат дејствија за проверка на набавката на опремата, овластувањата како и  други предистражни мерки.  

И додека обвинителството истражува кој и зошто ги прислушувал,  власта бара да се утврди дали има прислушување а пак опозицијата повикува министерот за внатрешни да си даде оставка. ВМРО ДПМНЕ смета дека владејачката структура со овој скандал испраќа многу лоша порака до експертот Прибе. Милошоски вели ова ќе се одрази лошо и на рангирањето на Македонија во Брисел .

-Ова значи дека во државата нема независно владеење на правото а ако нема тогаш многу е тешко да Македонија да добие поддршка од Франција, Холандија, Данска и други скептични земји кои на проширувањето гледаат како на процес со многу високи стандарди... По овој скандал кога јас би бил на негово место, сметам дека Оливер Спасовски треба од морални ако не од други причини да си даде оставка. Многу скандали се случија иако има сознанија дека внатре патриските битки се водат преку ова министерство, изјави Антонио Милошоски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.

Пратениците од СДСМ повикаа најпрво да се утврди каков систем бил вграден а потоа и дали снимените разговори биле злоупотребени.

-Прво да се утврди дали станува збор за прислушување или за некаква процедура или почитување на правила во внатрешен систем. Имајќи го во предвид фактот  дека  и други институции имаат внатрешни системи за комуникација и упатства и протоколи за употреба и располагање со тие материјали. Треба да се утврди дали овие материјали биле злоупотребени, изјави Фросина Ременски, пратеник од СДСМ.

Премиерот Заев побара одговорност за прислушувањето во обвинителството и основниот суд но и да се докаже кој издал наредба во телефонските централи да се вгради систем за прислушување. Заев рече дека не знае во која државна институција е набавена иста или слична телефонска централа но одговорноста ја префрли на раководното лице во институцијата кое одлучува што ќе се употребува од зградената телефонска централа.

Инаку скандалот го обелодини државниот јавен обвинител а снимањето на разговорите од фиксните телефони поставени во зградата се одвивало најмалку две години. Телефонската централа била инсталирана во 2013 година , кога се вселува обвинителството во новиот објект.  Првиот снимен разговор на двата хард диска поставени во склоп на телефонската централа е од 30 септември 2016 година.