Македонија
19. January 2017 - 14:17

Милошоски: СЈО работи според потребите на СДСМ и стана беспредметна институција

Специјалното јавно обивнителство   стана беспредметна институција по спасувањето од судска и кривична одговорност и аболицијата што Катица Јанева му ја даде на Зоран Заев, кој заедно со Зоран Верушевски се до гуша во документиран и докажан криминал, рече денеска на прес-конференција Антонио Милошоски, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во врска со повлекувањето на обвинението за предметот „Пуч“ од страна на СЈО. 

Во спротивно, рече тој, Специјалното јавно обвинителство ќе дозволеше процесот да заврши со судската разрешница, и судот да ги разгледува и да ги цени доказите и врз основа на нив да донесе праведна пресуда. А не обвинителството да биде адвокат на обвинетите.

- Затоа СЈО, ако некој до вчера се сомневаше, од денес треба да знае дека веќе нема никаков професионален ниту институционален легитимитет. СЈО остана да биде само политички инструмент и продолжена рака на аболицираниот криминалец Зоран Заев. СЈО цела година од преземањето на случајот „Пуч“ ја лажеше и манипулираше јавноста дека постапува по предметот и дека наводно работи независно и непристрасно. Судењето се одложуваше 10 пати, а госпоѓата Катица Јанева се надмина себеси во измислувањето причини за одложување на рочиштата, рече Милошоски, додавајќи дека наместо да покаже професионализам СЈО се ставило во одбрана на криминалот преку кој бил нарушен безбедносниот систем. 

Според Милошоски, јавноста знае дека Заев е виновен за обидот за „Пуч“ и за организирање на, како што рече, злосторничко, шпионско здружение заедно со Зоран Верушевски.

- Ова злосторничко здружение незаконски следело комуникации и после ги фабрикувало и монтирало материјалите добиени од тоа незаконско прислушкување, само за да му помогне на Заев да сруши една легално избрана власт, и да дојде на власт без поддршка од граѓаните, истакна Милошоски.

Катица Јанева, рече тој, ја игнорирала и судската пресуда и признанието на осудениот Ѕвонко Костовски, вработен во УБК кој, како што рече, ја разоткрил шпионската шема на Верушевски и на Заев и кажал на кој начин биле нарачувани прислушуваните материјали, на кој начин биле давани и потоа веројатно монтирани и фабрикувани.

- Катица Јанева ја игнорираше целокупната скајп комуникација помеѓу обвинетите во случајот „Пуч“ во која што соработниците на Зоран Заев предвидуваа дури и граѓански немири или граѓанска војна, зовривање на состојбите и страдање на сите оние кои што не се дел од нивната шема. Со срамната одлука за аболиција на Катица Јанева кон Зоран Заев ние видовме дека обвинителството, СЈО наместо да го гони криминалот, СЈО се појавува како заштитник на аболицирани криминалци. И веќе не постојат дилеми дека СЈО е целосно непрофесионално, партизирано и политизирано. Веќе не постојат дилеми дека СЈО не работи според законот туку според потребите на СДСМ и претседателот на СДСМ, господинот Зоран Заев, нагласи Милошоски. 

Првата и основна причина за формирањето и постоењето на СЈО, рече тој, беше да се расчисти криминалот на Заев и Верушевски кои, додаде, според признанието на вработениот во Управата за безбедност и контраразузнавање кој доби судска пресуда ја злоупотребиле опремата за незаконско следење на комуникациите.

- Со оваа одлука на Катица Јанева за аболиција на господинот Заев, престанува и главната причина за постоењето на СЈО. Затоа сметаме дека јавноста треба да биде свесна дека СЈО веќе стана беспредметна институција, рече Милошоски.