Македонија
23. January 2017 - 15:25

Милошоски: Предметите што ги отвора Јанева со единствена цел - Заев да ја избегне кривичната одговорност

Случајот „Пуч“ не завршува со политичката одлука на Катица Јанева и порано или покасно Зоран Заев и Верушевски ќе одговараат за тоа што и го сториле на Република Македонија и за што се обезбедени докази, рече денеска на прес- конференција членот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски.

Според него, по донесувањето на скандалозната, политичка и непрофесионална одлука за повлекувањето на „Пуч“, веќе нема дилеми - предметите кои ги отвора Катица Јанева се почнати со единствена причина, да му се помогне на Зоран Заев уште еднаш преку политиката да ја избегне својата кривична одговорност.

- Целата јавност, како и Катица Јанева и нејзиниот штитеник Зоран Заев знаат за вината што е сторена и за доказите што се прибрани. Јанева знае дека признанието на Ѕвонко Костовски е непобитен доказ за организираната криминална мрежа на Заев и Верушевски. И знае дека скајп комуникацијата во која се заговараат и граѓански немири е непобитен доказ за делувањето на оваа група, напомена Милошоски.

Јанева, оцени Милошоски, ја погази заклетвата што ја даде како обвинител и наместо обвинител на, како што рече, осомничениот криминалец Зоран Заев, се појави како негов бранител.

- Катица Јанева се откажа од предметот Пуч со срамно образложение дека фактичката состојба прикажана во обвинителниот акт била во спротивност со наводни докази кои таа ги обезбедила за други два предмета. Но, да потсетиме, доказите ги оценува судот, Катица Јанева во моментов е обвинителка, но се уште не е судија. И СЈО е обвинителски орган, а не судски совет. Со одлуката со повлекување од предметот Катица Јанева се постави во улога на суд, излегувајќи од сопствените ингeренции и почна сама да ги суди и цени доказите, се со цел да му помогне на обвинетиот Зоран Заев, подвлече Милошоски.

Предметите на кои се повикува Катица Јанева за да го ослободи Заев се уште се, рече, во фаза на истрага, а предметот од кој се откажа и го повлече обвинението имаше правосилен обвинителски акт.

- Јанева знае дека материјалите се обезбедени со посебни истражни мерки и ја потврдуваат одговорноста на Заев.
 - Затоа одлучи со политички, а не со обвинителски или правен акт да го заштити политичарот Зоран Заев кој ја злоупотребува политиката за да се скрие од своите криминални влијанија, посочи Милошоски.

Тој се осврна и на, како што забележа, истовременото молчење од страна на Јанева и на Заев. - Никој не сака да се јави и да објасни зошто е повлечено обвинението, ниту пак Заев се јави да побара обвинението да има судска разрешница ако верува дека е невин. Да беше Зоран Заев невин, ќе побараше судска разрешница на овој случај, а да беше Катица Јанева професионален обвинител, случајот ќе го доставеше до судот и ќе излезеше на рочиште да ги претставува доказите во улога на обвинител, укажа членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски.