Македонија
2. March 2021 - 13:31

Милошоски: Нефункционалноста на електронскиот систем за попишување е доказ дека пописот е сомнителен

По однос на нефункционалноста на електронскиот систем за попишување, сметаме дека тоа е само еден показател колку овој попис ќе биде неверодостоен и колку власта не е спремна да го спроведе овој попис, изјави пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски одговарајќи на новинарско прашање за објавите дека постои можност од Македонија да се попишете исто како да престојувате во странство.

Милошоски истакна дека директната кривична одговорност е кај директорот на заводот за статистика и го повика да не се заканува на граѓани, туку да ја понесе одговорноста за пропустот во системот.

– Нашата порака до директорот на заводот за статистика, Апостол Симовски е да не се заканува со затворски казни кон граѓаните, туку самиот да размисли според Законот за попис член 41, директорот е лично одговорен и кривично одговорен за нефункционалноста на системот или за пробивањето на системот, рече Милошоски.

Тој додаде дека испаѓа дека овој нефункционален систем којшто видовме дека граѓани успале да го пробијат не е вина на граѓаните, туку е вина на самиот директор што потрошил државни пари.

– Имаме неефикасен систем, којшто ќе даде неверодостојни податоци, а кривичната одговорност за таквиот неефикасен систем е лично кај директорот на заводот за статистика. Ова е уште еден показател дека пописот е многу сомнителен и дека податоците од истиот нема да бидат веродостојни, нагласи Милошоски

Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ