Македонија
9. July 2019 - 16:13

Милошоски: Нарушени се сите дипломатски протоколи за комуникација - Заев: Ќе има промени


 

Дипломатски скандал е разговорот на премиерот Заев со руските комичари, обвинува поранешниот шеф на дипломатијата Антонио Милошоски. Тој вели дека со измамата е нанесена штета на угледот на државата и репутацијата на македонската дипломатија. Милошоски смета дека премиерот морал да знае или пак да е поучен од своите советници за начинот на остварување меѓудржавни телефонски комуникации.

„Најодговорен за овој скандал е премиерот Зоран Заев, но ништо помалку одговорни не се ниту министерот за надворешни работи Никола Димитров и дипломатскиот советник на премиерот, Дане Талевски. Не може да се случи три пати во низа, во август 2018-та, јануари и април 2019-та година, разговор со лажен претседател на Украина, што значи развиена е меѓусебна доверба и откривање многу чувствителни информации“, вели Антонио Милошоски, Пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.

Лажните телефонски разговори за кои премиерот верувал дека разговара со светски политичари се одвивале согласно протоколите за комуникација, вели Заев.. Објасни дека еден од разговорите бил претходно договорен како што и било пракса, а за целиот разговор неговиот дипломатски советник водел и записник.. За истите разговори, Владата преку соопштенија ја известувала и јавноста, вели Заев.. Најави дека ќе се преиспита начинот на воспоставување меѓудржавни разговори, а во соработка со НАТО, владата ќе прави план за борба против идни манипулации.

„Почитувани се сите постојни протоколи на поврзување кога некој бара комуникација со премиерот како и со другите функционери. Јас напоменувам  не ми е прв пат да имам разговарано со Столтенберг, со Порошенко, со многу други лидери на земји партнери на Република Северна Македонија и еден од разговорите е воспоставен преку фиксната мрежа овде во владата, двата телефони се преку ватцап преку кои е разговарано. Дури и и во други посовремени земји кај што постои интернет безбедност и други мерки гледате дека се случувале како во Франција или Џонсон додека бил Министер за надворешни работи. Јас верувам дека целиот свет треба да работи на тоа така и нашата земја. Дел од реформите на безбедносниот систем и на разузнавачките служби, како дел од реформите за НАТО претставува и „секјурити“ сигурноста и безбедносната сигурност која треба да се воспостави како еден систем и верувам дека таа е една вечна борба“, вели Зоран Заев, премиер.

Експертите за безбедност кои ги контактираше Сител велат дека не постои унифициран протокол за меѓудржавни телефонски комуникации, туку тој го утврдува секоја држава самостојно.