Македонија
2. May 2017 - 18:32

Милошоски: Изборот на Џафери е најголемиот преседан досега

Неуставниот, незаконскиот и нелегалниот избор на  Талат Џафери е прв ваков голем тежок преседан во историјата на Македонија, кој значи погазување на процедурата, на правото и на демократијата се со цел да се задоволат некои лични, политички или партиски амбиции. Ова денеска во изјава пред Собрението го порача пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски.

- Политичите партии без разлика дали се во опозиција или се на власт треба да имаат принципи кои се засноваат на Уставот, на  Деловникот и законите доколку сакаме Македонија да биде стабилна држава која што ќе може да напредува и да работи во интерес на граѓаните, рече Милошоски. 

Нагласи дека и пред да се случи незаконскиот чин, а и сега укажувале дека секој чекор што оди во насока на демонстрирање на политичко насилие без да се почитуваат Уставот, процедурите, законите  и Деловникот само ќе ја одоговлекува  политичката криза и не е во интерес ниту на државата, ниту на граѓаните како носители на нејзиниот суверенитет. 

- Коалицијата „За подобра Македонија“ и сите пратеници коишто ја претставуваат  како претставници на граѓаните и на народот  многу единствено и многу едногласно  дојде до овие заклучоци бидејќи лесно се гледаат и преку читање на Деловникот и законите и Уставот. Цениме дека како политичка коалиција треба да ги застапуваме интересите на граѓаните и на народот, бидејќи како политичка партија  постоиме за народот. Имаме добиено мандат, ќе продолжиме да го правиме тоа со два приоритети. Првиот е интересот, стабилноста и напредокот  на Република Македонија, а вториот унитарна, стабилна  и демократска Македонија во која интересот на граѓаните е на прво место, истакна Милошоски.

Тој посочи дека процедурите во Собранието и почитувањето на Деловникот не се должни да го прават, промовираат или да го штитат луѓе кои не се дел од Собранието. 

- Стабилна Република Македонија значи стабилно однесување на сите политичари  или политички партии, а стабилно  поднесување значи почитување на процедура, на демократија, на Деловник, на Закон  и на Устав. Ако се направи еднаш негативен преседан заради политички амбиции или аранжмани, заради потпишана, прифатена  или неприфатена платформа заверена во туѓа држава,  тогаш тоа само ќе предизвика друг преседан, трет преседан и само ќе ја продлабочува  кризата, потенцира Милошоски.

Затоа, додаде, сметаме дека стабилна  Република Македонија значат стабилни политичари и политички партии коишто принципите, Деловникот,  Законот и Уставот ќе ги почитуваат без разлика на тоа што добиле или што им е ветено дека ќе добијат.