Македонија
26. August 2017 - 16:23

Миливоје Јанковски и доц. д-р Венера Крлиу Ханџиски се годинашни добитници на државната награда Мајка Тереза за 2017

Овогодишни добитници на државната награда “Мајка Тереза” се Миливоје Јанковски и доц. д-р Венера Крлиу-Ханџиски.

Наградата се доделува за особено значајни остварувања во областа на хуманоста и човечката солидарност и за поттикнување, унапредување на меѓусебното разбирање и развој на соработката, како меѓу народите, така и меѓу припадниците на различните заедници, култури и вери, а традиционално се врачува во Свечената сала на Собранието.

Пензионираниот работник од фабриката “Треска” Миливоје Јанковски, наградата “Мајка Тереза” ја доби за својата волонтерска работа во Црвениот Крст на РМ. Тој досега дарувал крв 186 пати, а  учествувал во организирање за унапредување и масовно проширување на крводарителството во земјата.

Постојаната работа во областа на хуманоста и општествената одговорност за време на дванаесетгодишно искуство како главен оперативен директор на Универзитет Американ Колеџ Скопје и донесе награда и на доц. д-р Венера Крлиу - Ханџиски. Во нејзината кариера ја има добиено и Националната награда за најдобри општествено одговорни практики, а била избрана и за бизнис-лидер на годината од страна на Европската бизнис-асоцијација во Македонија.

Наградата за хуманост и солидарност се доделува од 2006 година. Врачувањето се врши на 26 август - денот на раѓањето на Мајка Тереза, а во една година се доделуваат најмногу две награди.