Македонија
30. January 2023 - 16:32

Милионски суми троши фондот за долгогодишни боледувања

Десет години пациент бил на боледување и земал пари од фондовската каса. Од 2012 до 2022 со дијагноза бенигна неоплазма на мозокот, најмалку три пати бил одбиван за инвалидска пензија која ја добил дури лани во март. Законот предвидува препраќање на ИПК после една година од спреченоста на работа, но кај многу лица стажот е пресуден дали ќе бидат одбиени.

 За акутен бронхит осигуреник 500 дена не одел на работа и бил на боледување а друг дури 4 години бил спречен да се појави на работното место поради фрактура на рамото и подлактица и кај него Фондот  констатирал неправилности при продолжување на боледувањето.

Дали и кој може да прави злоупотреби, постојат ли системски пропусти и како некој може толку долг период да биде на боледување, нема дефинитивен одговор, но според податоците од Фондот за здравствено осигурување, огромна сума на пари се одлева за оваа намена.

Лани исплатиле рекордни 4 милијарди денари од кои најмногу во месец мај. Иако се одлеваат многу пари, фондовските контроли не можат да ги проверуваат дадените докторски дијагнози, туку само потребната документација.

-Дали постојат злоупотреби да се напише дијагноза само за да пациентот биде на боледување тоа не можам да го коментирам, ниту имаме надлежност ниту пак законско право. Ние постапуваме исклучиво само според документацијата издадена од лекарот без разлика дали е матичен или специјалист, бидејќи спроед законот матичниот дава до 7 дена ако има потреба се оди на специјалист кој дава до 15 дена и после тоа боледувањето е од комисиите, вели Цвете Серафимоски директор на контрола во Фондот за здравствено осигурување.

Според електронскиот систем на Фондот, боледувања подолги од една година од 2010 досега има 1857 и тоа за малигни болести, мозочни удари, паркинсонова болест но и најчестите како нега на болно дете до три години кои најчесто почнуваат по завршување на породилното.

Освен Фондот кој ја контролира документацијата, евентуалните пропусти со лажни дијагнози се во надлежност на државниот санитарен и здравствен инспекторат.