Македонија
16. јуни 2017 - 18:11

Милион евра донација од Чешка за МВР

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и амбасадорот на Република Чешка Мирослав Рамеш денеска потпишаа договор за донација од чешката Влада за Одделот за гранични работи и миграции и за Секторот за азил при МВР.

Спасовски се заблагодари за донацијата и досегашната помош и истакна дека таа претставува уште еден исклучително значаен придонес на Владата на Република Чешка во насока на интензивирање на досегашната извонредна соработка меѓу нашите двете земји, но и придонес во остварување на нашата заедничка агенда за безбедни национални и европски граници.

- Со донацијата од околу еден милион евра, македонската полиција значително ќе ги зајакне своите капацитети во делот на заштитата на државната граница и поефикасното справување со миграцијата и со проблематиките на азилот, рече Спасовски.  

Поголемиот дел од средствата ќе бидат искористени за набавка на моторни возила за засилена заштита на државната граница, а вториот дел од донацијата во висина од 1.000.000 чешки круни ќе биде наменет за купување техничка опрема во областа за азил во рамки на проектот реализиран заедно со Канцеларијата на високиот комесаријат на ООН за бегалци.

Министрерот Спасовски при тоа нагласи дека досега од страна на Чешката Република македонското МВР во два наврата веќе доби донации во вкупна вредност од околу 940.000 евра во технички средства и теренски возила, а од особена важност за нас се и заедничките, координирани активности во полицискиот надзор на јужна граница на Република Македонија кон соседна Грција. 

- Соработката на македонското и чешкото МВР во овие активности започна минатата година, во која МВР на Чешка Република упати вкупно 214 полициски службеници, додека од почетокот на 2017 година досега се упатени вкупно 160 чешки полициски службеници. Веќе во понеделник во Република Македонија го очекуваме 11-от контингент полициски службеници кој ќе врши активности за поуспешен надзор на македонско-грчката граница, така што бројот на полициски службеници од Чешка Република од јануари до јули годинава, со пристигнувањето на овој контингент, ќе изнесува 200, па со право може да се заклучи дека во рамките на овој проект Чешката Република е застапена со најголем број полициски службеници коишто заедно со нашите колеги ја надгледуваат и обезбедуваат јужната граница, рече министерот Спасовски.

Амбасадорот Рамеш изрази задоволство од соработката со МВР и фактот што неговата земја може да и помогне на Република Македонија во справувањето со проблемот со мигрантите.