Бизнис
28. February 2018 - 13:15

Милијарда денари за активни мерки за вработување

Со средства во износ од милијарда денари државата ќе ја зголемува вработеноста преку мерките од Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2018 година. Преку програмите за вработување ќе бидат опфатени 9.511 лица, а преку услугите на Агенцијата за вработување на РМ над 16.000, информира денеска министерката за труд и социјална политика Мила Царовска. 

Грантовите за самовработување се поставени флексибилно од четири до пет илјади евра за поединец, до 10 илјади евра за двајца содружници. Годинава се дава можности и за комбинација на неколку мерки.

- Тоа значи дека на пример доколку некое лице посетува обука и добие кфалификација за некоја работа да може да се вклучи и во мерка за субвенционирано вработување, рече министерката Царовска на прес-конференција во Владата. 

Со Планот, акцент се става на младите невработени лица до 29 години, за што, како што појасни, ќе се спроведува и пилот проект „Гаранција за млади“ во три општини - Скопје, Струмица и Гостивар.

- Со оперативниот план ќе се создадат услови за создавање нови работни места, поддршка за креирање нови работни места и зголемување на вработливоста на невработените лица, рече министерката за труд и социјална политика.

Таа истакна дека, меѓу другото, со овој оперативен план се предвидени и мерки и програми за вработување на ранливи категории граѓани. Но, како што напомена, од исклучителна важност е што по создавањето на законската основа се планирани и програми за обуки на 100 персонални асистенти. Тие лица ќе бидат обучени преку оперативните програми, а понатаму ќе бидат ангажирани преку програмите на МТСП.