Бизнис
17. July 2019 - 15:45

Милевски – Хоџиќ: Поефикасна прекугранична соработка за повеќе финансии од ЕУ за развој

Интерес на двете држави е прекуграничната соработка да продолжи да се реализира поефикасно, со цел максимално да се апсорбираат средствата од Европската Унија и да се поттикне развојот во пограничниот регион.

Тоа е оценето на денешната средба во Приштина на министерот за локална самоуправа на Северна Македонија, Горан Милевски и министерката за администрација на локалната самоуправа на Косово, Адријана Хоџиќ, на која се разговарало за спроведувањето на Програмата за прекугранична соработка, како и за подготовката на новата Програма за периодот 2021-2027 година.

Министерот Милевски истакнал дека прекуграничната соработка меѓу Северна Македонија и Косово е интерес и за двете земји и дека треба да се реализира на поефикасен начин, со цел максимално да се апсорбираат средствата од Европската Унија, соопшти Министерството за локална самоуправа.

– Заради поефикасно користење на средствата од Европската Унија разговаравме за можностите за реализација на уште еден заеднички стратешки проект во наредниот програмски период, кој што ќе биде од интерес на граѓаните од пограничниот регион. Во рамките на актуелната програма за прекугранична соработка меѓу двете земји во финална фаза на реализација е граничниот премин Белановце-Станчиќ, во вкупна вредност од 1,2 милиони евра. Селектирањето на проектите од третиот јавен повик треба да заврши до ноември, на располагање имаме два милиона евра за реализација на проекти од двете страни на границата, а во рамки на вториот ИПА Програмски период 2014-2020 веќе се реализираат девет проекти од првиот и од вториот јавен повик, во вкупна вредност од околу 2,5 милиони евра, од кои 1,3 милиони евра се наменети за проектите во нашата земја, изјавил министерот  Милевски.

Министерката Хоџиќ изразила задоволство од отворените можности за подобрување на соработката и размена на искуства и иницијативи.

– Соработката што ја имаат Косово и Северна Македонија е многу важна во однос на спроведувањето на Програмата за прекугранична соработка ИПА II 2014-2020, што заеднички ја подготвија двете земји и која има за цел зајакнување на соработката меѓу институциите, како и меѓу субјектитево пограничниот регион со цел да се постигне поодржлив економски и социјален развој,со заедничко делување, рекла министерката Хоџиќ.