Балкан
19. October 2015 - 19:14

Милановиќ: Хрватска ја држи под контрола бегалската криза

Хрватскиот премиер Зоран Милановиќ денеска изјави дека неговата Влада ја држи под контрола бегалската криза, независно од фактот што Словенија и Австрија бегалците ги прифаќаат со побавно темпо, пренесе Танјуг. 

Милановиќ подвлече дека неговата Влада прави се што е можно за кризата да не влијае врз животот на граѓаните.

-Правиме и ќе направиме се за нашите луѓе да бидат спокојни, сигурни, и тоа да не влијае врз нивното секојдневие, изјави Милановиќ пред новинарите во хрватскиот Парламент.

Тој ги отфрли тврдењата, според кои, е очигледно дека во моментов има ескалација на бегалската криза и дека дел од бегалците ќе бидат задржани во Хрватска.

-Очигледно е дека многу луѓе секој ден преминуваат од Турција во Грција, очигледно е дека Грција, членка на ЕУ и Шенген, не функционира на никаков начин, очигледно е дека луѓето преминуваат од грчките острови на грчка земја, очигледно е дека од грчка земја преминуваат во Македонија, очигледно е дека без никаков надзор патуваат преку Србија по долината на реката Морава и очигледно е дека потоа заминуваат на запад и влегуваат во Хрватска, изјави Милановиќ. „Очигледно е дека вчера се задржани меѓу пет и шест илјади лица од другата страна на границата, во Србија, и исто така, очигледно е дека тоа не е решение“, додаде тој.

Милановиќ изјави дека Хрватска ќе испраќа бегалци кон Словенија и луѓето ќе продолжат да минуваат преку Хрватска, се додека проблемот не се реши во Турција и Грција.

Тој го отфрли тврдењето на словенечката министерка за внатрешни работи дека Хрватска не контактира со Словенија и не се придржува кон правилата на ЕУ, истакнувајќи дека денеска двапати разговарал со словенечкиот премиер, а вчера дури пет пати.

Хрватскиот премиер изјави дека Словенија е организирана држава и меѓу двете држави се е договорено претходно.

-Хрватска нема да биде „хот спот“ и нема да задржува поголем број луѓе отколку што може да прими, подвлече тој.