Македонија
24. October 2018 - 11:26

Мијалков: Одлуката на ЦК не е исправна, на партијата и е потребно обединување, а не емоции

Сашо Мијалков во изјава за порталот Прес24  рече дека со жалење ја примил одлуката на Централниот комитет на неговата партија, бидејќи, како што вели, од формирањето на ВМРО-ДПМНЕ до денес, бил и ќе остане верен на идеите и постулатите на организацијата.
 
- Свесен сум дека партијата е соочена со многу предизвици и дека ова раководство, како и претходните, го очекуваат историски важни одлуки за иднината на Република Македонија и за ВМРО-ДПМНЕ, вели Мијалков.
 
Тој нагласува дека одговорност на актуелното раководство е  дали партијата ќе биде респектиран партнер во рамките на европските народни партии или ќе заглави во изолација, односно за доследност на историските принципи на партијата и стратешката ориентација кон ЕУ и НАТО.
 
- Како долгогодишен член и функционер, чувствувам потреба да кажам дека на партијата во овие моменти ѝ е потребна инклузивност, а не исклучувачки политики. Во моментов на партијата ѝ е потребно обединување и водење со разум, а не емоции. Во моментов на партијата не ѝ е потребно креирање лажен наратив и непостоечки околности со коишто се оддалечуваме од стратешките определби и влегуваме во изолација. Дали актуелното раководство ќе ги прими овие добронамерни совети или ќе продолжи да продуцира невистини и да бара непријатели таму каде што ги нема е нивна одговорност. Мое е да потсетам дека партијата не е сопственост на актуелното раководство како што не беше сопственост на претходното или тоа пред него. Јас сум убеден дека синоќешната одлука не е исправна, но тоа нема да ме поколеба во мојата определба за натамошна поддршка на модерно, десноориентирано ВМРО-ДПМНЕ, кое заедно со сите сестрински партии ќе ги брани интересите на Република Македонија во Европската Унија, вели Мијалков.