Македонија
27. February 2020 - 11:13

Миjалков: БЈБ го водеше случајот „Монструм“, УБК беше вклучена со помагање во информации

Со сведочење на поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков денеска во Кривичниот суд продолжи судењето за предметот „Монструм“ кој се однесува за убиството на четирите момчиња и рибарот кај Смилсковското езеро на 12 април 2012 година.

Мијалков за настанот дознал половина час после убиството. Случајот го воделе БЈБ, а Управата била вклучена со помагање во информации.

-УБК беше присутна во својство и улога на собирање на информации по однос на оперативни сознанија. За овој случај беа ангажирани сите ресурси на УБК и БЈБ, појасни Мијалков на прашање на обвинителката Фатиме Фетаи.

По Мијалков треба да сведочат и поранешните министри Муса Џафери и Блерим Беџети.

Пред рочиштето Фетаи побара МВР да реагира и да го обезбеди сведокот Зоран Трајковски кој двапати добил покана за сведочење, а има и наредба за негово и за присилно спроведување.

На последните рочишта за овој предмет сведочеа повеќе сегашни и поранешни функционери од извршната власт, меѓу кои и Гордана Јанкуловска, Зоран Заев, Али Ахмети, Бујар Османи, Џелал Бајрами и Љупчо Тодоровски-Радникот.