Македонија
25. September 2019 - 15:14

Михајловиќ: Вучиќ, Заев и Рама ќе разговараат во Србија за заеднички економски развој

Српската вицепремиерка Зорана Михајловиќ апелираше денес до сите земји од Западен Балкан да создадат стратегија за заеднички економски развој на овие земји.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, Михајловиќ додаде дека ова ќе биде една од темите на разговорите со лидерите на Македонија и Албанија, Зоран Заев и Еди Рама на почетокот на октомври во Белград, иницирана од српскиот претседател Александар Вучиќ на темата за формирање на таканаречениот Мал Шенген.

-Секоја од земјите од Западен Балкан сепак е мала за да привлече глобални инвеститори, без кои е невозможно да се обезбеди одржлив економски раст. Но, заедно можеме да бидеме поконкурентни, како кон ЕУ, така и на другите светски пазари. Ова јасно се покажа и во случајот со отворањето на новата фабрика на „Фолксваген“, оцени Михајловиќ во соопштението од нејзиниот кабинет.

Таа додаде дека тука не станува збор за создавање на некоја „нова Југославија“ или на „голем Балкан“, туку спроведување на чиста економска логика, која што може да обезбеди подобар живот за граѓаните.

-Она што треба да го направи секој од нас е да ги отстраниме сите внатрешни царински и гранични бариери за транспорт на стоки и услуги помеѓу Србија, Македонија и Албанија, а во тоа можеме да имаме поддршка од Транспортната заедница, чие седиште неодамна беше отворено во Белград, кажа Михајловиќ.

Вицепремиерката Михајловиќ, кој истовремено е и министер за градежништво, транспорт и инфраструктура, оцени дека би било добро за сите земји од Западен Балкан да имаат усогласена инфраструктурна политика.

-Можеби првиот чекор во оваа насока би можел да биде формирањето на регионална мрежа на полначи за електричните возила, бидејќи станува збор за технологија која е секако иднина, како и единствена наплата на патарина на автопатиштата, која ќе им овозможи на граѓаните на нашите земји да без запирање ги поминат наплатните рампи, изјави Михајловиќ.

Таа со ова ја дообјасни вчерашната изјава на српскиот претседател Александар Вучиќ на маргините на Генералното собрание на ООН во Њујорк, најавувајќи дека Заев и Рама доаѓаат во Србија на 9 и 10 октомври на состанок посветен на отстранување на царинските бариери или како што кажа, со нив „ја иницирал идејата за понатамошно отстранување на различните бариери за водење бизнис на територијата на нашите три држави и слободниот проток на стоки, луѓе и услуги, односно создавање на еден вид „мал шенген“.

Тој додаде дека тоа ќе биде првиот чекор и дека за Србија ќе биде „важно да ја вклучи и Приштина за да соработка биде на повисоко ниво на економски интеграции, отколку во ЦЕФТА, како и да се привлечат и БиХ и Црна Гора.“