Македонија
15. March 2016 - 11:28

Мигрантите кои илегално влегоа во Македонија се враќаат во Грција

Дел од мигрантите кои вчера попладне илегално ја поминаа македонско-грчката граница кај гевгелиското село Моин, почнале сами да се враќаат назад на грчка територија откако сфатиле дека не можат да продолжат понатаму, а поголемиот дел од нив се уште се наоѓаат во близина на селото каде беа пресретнати и задржани од нашите армиски и полициски сили, изјавија за МИА од регионалниот ЦУК Гевгелија.

Оттаму соопштија дека групата мигранти била насочена каде и како да ја поминат границата со помош на флаери напишани на арапски и грчки јазик кои им биле поделени од страна на грчки невладини организации.

Во текот на денот се очекува да биде постигнат договор меѓу двете страни за враќање на сите мигранти на грчка територија, односно во кампот во Идомени од каде што се упатиле кон Македонија преку дивите премини.

Состојбата на теренот и во ПТЦ Гевгелија моментно е стабилна и мирна. Раководителот на ПТЦ Зоран Лазаревски рече дека кампот е празен, односно дека таму се сместени мигрантите што беа спасени вчера од давење во Сува Река и уште дваесетина мигранти кои се вратени од кампот во Табановце.

МВР денеска соопшти дека во текот на вчерашниот ден во 15 часот и 30 минути околу 1.500 мигранти илегално ја преминале државната граница со Република Грција во близина на село Моин, Гевгелиско.

- Покрај оваа група, беше спречена и друга група од околу 600 мигранти на самата гранична линија во намера илегално да влезат во Република Македонија. Заедно со мигрантите кои илегално влегоа на територија на Република Македонија беа и 72 странски новинари. Новинарите беа обезбедени и им беа издадени платни налози за илегално преминување на државната граница, по што во текот на вчерашниот ден беа вратени во Република Грција, се вели во денешното соопштение од МВР.

Мигрантите кои илегално преминале на територија на Република Македонија биле вратени назад.