Бизнис
2. May 2016 - 16:15

Миграцијата град - село земјоделството ќе го направи исплатливо и ќе ги заживее селата

„Од град во село за нов почеток“ е најновиот проект кој го најави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски во земјоделството со кој се заокружува цел сет на мерки кои треба да го подобрат животот на село и да го направат земјоделството уште поисплатлива стопанска гранка.

Сите граѓани кои ќе се одлучат да се преселат на село и таму да се занимаваат со земјоделство ќе им бидат понудени исклучително поволен пакет на мерки и бенефиции кои опфаќаат парични средства за купување, изградба или реновирање на куќа на село, бесплатно земјиште за работа и искористување на бројните мерки кои веќе им стојат на располагање на земјоделците.

Оваа мерка може да ја искористат лица кои претходно живееле во село, а сега се преселиле во град и сеуште имале имот во село каде што живееле. Мерката може да ја користат и оние кои отишле во град, а немаат куќа во село. Исто така мерката им е на располагање на лица кои живеат во град и се навработени или пак вработени со многу ниски примања, односно целото семејство не ја надминува просечната нето плата од 21,800 денари.

-Ќе понудиме исклучително поволен пакет на мерки и бенефиции кои што ќе се состојат од парични средства за купување, изградба на нова или реконструкција на стара или веќе постоечка  куќа на село, бесплатно државно земјиште за работа и користење на бројните мерки кои преку програмите им стојат на располагање на земјоделците. Мерките се однесуваат пред се на субвенции за набавка на земјоделска механизација, еднократна парична помош во рок од 18 месеци потребна за почеток со работа и обезбедување на егзистенција, како и 80% поддршка за изградба на систем капка по капка доколку се занимава корисникот со обработка на почва и растително производство. Со 80% поддршка ќе се овозможи  набавка на високо приносен добиток, изградба на бунари како и можност за бесплатни пасишта, за оние кои што ќе се одлучат за сточарство и редица други поволности, истакна Груевски.