Свет
18. April 2018 - 23:00

Мигел Дијаз-Канел единствен кандидат за нов претседател на Куба

 

Кубанската Влада денеска го предложи 57-годишниот Мигел Дијаз-Канел за единствен кандидат за нов претседател на Куба.

Дијаз-Канел, кој е актуелен прв потпретседател на Куба, на претседателската функција ќе треба го наследи Раул Кастро. 

Во исто време за нов кубански прв потпретседател, Владата го номинираше 72-годишниот поранешен синдикален активист  Салвадор Валдес Меса.

Дијаз-Канел и припаѓа на младата генерација на кубански лидери и важи за човек кој се залага за модернизација на земјата. Овој инженер по електроника, доколку биде избран, ќе биде првиот претседател на Куба роден по Кубанската револуција.

Сепак, аналитичарите не очекуваат дека Дијаз-Канел ќе инсистира на големи политички промени, имајќи пред вид дека е долгогодишен истакнат функционер на владејачката Комунистичка партија на Куба.   

Актуелниот кубански претседател, 86-годишниот Раул Кастро, нема целосно да се повлече од политиката, бидејќи ќе остане лидер на владејачката Комунистичка партија до 2021 година, па се очекува тој и натаму да има влијание при носењето одлуки во државата.