Свет
9. October 2017 - 12:29

Мицотакис загрижен од зголемениот прилив на мигранти на грчките острови

Лидерот на најголемата грчка опозицика партија Нова демократија, Кирјакос Мицотакис, изрази загриженост поради големиот пораст на бројот на мигранти кои од Турција пристигнуваат на грчките острови.

- Ситуацијата постојано се влошува. Постои силна и разбирлива реакција од локалните заедници, рече Мицотакис за време на денешниот состанок во Атина со европскиот комесар за миграција и внатрешни работи, Димитрис Аврамопулос.

Аврамопулос, пак, ја истакна ефективноста на договорот на ЕУ со Турција, чија цел е да го спречи приливот на мигранти во Егејското Море, истовремено ветувајќи ја континуираната политичка и економска поддршка на Европа за Грција околу ова прашање.

УНХЦР во петокот соопшти дека во септември од Турција пристигнале речиси 5.000 бегалци, главно сириски или ирачки семејства, што претствува една четвртина од сите пристигнувања оваа година. УНХЦР во исто време ги повика грчките власти да ги забрзаат подготовките за зимата во бегалските кампови на островите во Егејското Море.