Свет
15. December 2016 - 11:09

Мицотакис во Брисел ќе лобира за предвремени избори во Грција

На средбите на маргините на Самитот на Европската народна партија во Брисел, што почна вчера, лидерот на грчката опозициска Нова демократија, Кирјакос Мицотакис ќе инсистира на неговиот аргумент дека на Грција и требаат предвремени избори, пишува „Катимерини“.

Според Мицотакис, кој денеска, меѓу другите, треба да се сретне и со претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер и со еврокомесарот за економски и монетарни прашања, Пјер Московиси, сегашната грчка Влада предводена од левичарската Сириза треба да си замине и да дојде администрација која е понаклонета кон реформи.

Извори од Нова демократија изразиле надеж дека претставниците на ЕУ ќе го поздрават повикот на Мицотакис за политички промени, кој доаѓа само неколку дена откако грчкиот премиер Алексис Ципрас ги вознемири кредиторите на земјата, најавувајќи божиќни бонуси за илјадници пензионери и други мерки кои се во спротивност со ветувањата кои грчката Влада претходно ги има дадена но кредиторите.

Како што јави дописникот на МИА од Атина, средбите исто така доаѓаат во момент кога Нова демократија со големо мнозинство води пред владејачката Сириза според сите анкети на јавното мислење.

Аргументот на Мицотакис е дека предвремени избори нема да бидат дестабилизирачки, како што беше во јануари 2015 година, затоа што Нова демократија е реформистчка сила во споредба со коалицијата меѓу Сириза и Независни Грци, која конзервативната партија ја опишува како „неверодостојна и опортунистичка“ во нејзината политика за донесување одлуки.

Нова демократија ја обвинува Владата затоа што се согласи со меѓународните кредитори на Грција за „недостижни фискални цели кои носат строги мерки на штедење“ и ги нарече „опасни“ за земјата.

Во интервју за италијанскиот канал „Раи Вести“, Мицотакис изјави дека изборите во Грција треба да се одржат што е можно побрзо.

- Тоа е решение за политичкиот проблем со кој се соочува земјата. На Грција и треба Влада која е апсолутно фокусирани на реформите, која верува во реформите за доброто на многумина, реформи кои ќе привлечат инвестиции, создавање работни места, подобрување на начинот на кој функционира државата, квалитетот на здравството и образованието, рече тој, истакнувајќи дека сегашната Влада ризикува „да ја заглави земјата во циклус на долготрајно штедење“.