Македонија
14. May 2021 - 16:37

Мицотакис понудил идеи за надминување на спорот Скопје – Софија

Европската комисија во моментов работи за старт на преговорите и за Македонија и за Албанија, но нивното раздвојување е можно ако спорот со Бугарија не се реши во брзо време. Eврокомесарот за проширување Вархеји ja повтори пораката и на маргините на самитот во Атина посветен на Европската унија и земјите од регионот. Вицепремиерот Димитров пак вели – сега е време Македонија да ги почне задоцнетите преговори. 

- Треба да знаете дека сите земји членки треба да постигнат договор, процесот е таков и тоа е нешто на што ние работиме, да обезбедиме поддршка од сите земји членки за двете земји. Реферирајќи на мојата изјава, го истакнав очигледното. Доколку не успееме да постигнеме договор за двете земји, ова прашање неминовно ќе се појави повторно и ќе треба да дадеме одговор на тоа, но во моментот работиме за двете земји, истакна Оливер Вархеји.

Ветувањата беа направени и ако истите не се остварат тоа испраќа многу негативна порака. По целото ова време ние не можеме да си дозволиме луксуз и да кажеме ќе чекаме. Мислам дека треба да го зграпчиме моментот и да најдеме начин да ги надминеме пречките, порача Никола Димитров.

Поддршка за старт на преговоирте, но и помош за надминување на спорот со Софија премиерот Заев доби и од својот грчки колега Мицкотакис.

- Јас верувам дека прво ќе се најде некое решение со Бугарија, затоа што проблемот не е од таква природа каде што би можел да биде пречка, имајќи предвид дека допрва се отвораат 35 поглавја и на отворање и на затварање се носат одлуки од сите земји- членки, така да верувам дека намалените тензии и кај нас и во Бугарија ќе помогнат во целиот тој дел. Но, ни треба помош и од сите други пријатели, а премиерот Мицотакис разви неколку идеи и многу сум благодарен заради креативноста која што ја понуди, вели Заев за МИА.

Во Атина макеоднскиот премиер се сретна и со својот поранешен грчки колега Ципрас со кој заедно ставија потпис на Договорот од Преспа кој го тргна грчкото вето на евроинтегацискиот пат.

Заев ја потврди и поддршката на САД во целиот провес за европска интеграција на Македонија и на средбата со амбасадорот на САД во Грција Џефри Пајат.

Македонската делегација денеска ја заокружува европската турнеја која стартуваше со посета на Брисел и средби со високи европски претставници, прва премиерска посета на Шпанија и економскиот форум во Атина.

Европската агенда стартуваше и заврши со истата порака од еврокомесарот Вархеји – договор со Бугарија, па старт на преговорите.