Македонија
14. јуни 2018 - 16:27

Мицотакис поднесе интерпелација за владата на Ципрас

Договорот Заев-Ципрас за решавање на спорот за името може да ја урне грчката влада.

Шефот на опозициската Неа Демократија Киријакос Мицотакис поднесе иницијатива за гласање недоверба на Владата на премиерот Ципрас поради несогласување со постигнатиот договор со Македонија.

,,Договорот со Скопје ја прели чашата. Договорот Ципрас-Заев е лош договор. Прифаќањето на македонскиот јазик и идентитет претставува неприфатливо национално предавство. Во овие околности и поради тоа што владата ја нема потребната легитимност, Нова Демократија поднесе барање за интерпелација на владата‘‘, изјави Мицотакис од парламентарната говорница.

Расправа за интерпелацијата е закажана за 18 часот по грчко време, а треба да заврши до сабота на полноќ. Со тоа, Ципрас нема да може да го образложи договорот пред пратенците, што беше планирано утре изутрина, односно пред саботното потпишување во грчкиот дел од Преспа. Но, деловникот предвидува, по барање на владата рокот за расправа и гласање да се скрати.

Од друга страна, ,,Бетонирањето на македонската нација‘‘ со договорот со Грција, како што тврди премиерот Заев, нема да важи за официјална Атина. Грчкиот премиер Алексис Ципрас за националниот сервис изјави дека никогаш нема да признаат македонска нација, туку ќе го користат навредливиот термин Славомакедонци.

,,Не признаваме македонска нација, никогаш нема да ги нарекуваме Македонци, ние секогаш ќе ги нарекуваме Славомакедонци‘‘, изјави Ципрас.

Ципрас смета дека соседниот народ само се нашол на територијата на поширока Македонија, дека нема врска со хеленската култура и дека тоа е јасно прецизирано во договорот.

Ципрас, сепак додава дека не можат да забранат соседите да се самоопределуваат како Македонци.

,,Овој договор тоа што го прави е да не го потценува правото на самоопределување, тоа не можеме да го направиме. Не можеме да им забраниме да се самоопределуваат како Македонци, во договорот терминот ,,Македонци‘‘ не се однесува на историјата на грчката Македонија‘‘, рече Ципрас.

Тој, договорот го оцени како историски и додаде дека Грција не сака ,,Версајски договор‘‘ и да ги понижи соседите и, туку дека се обиделе да го решат проблемот со почитување на чувствителноста и достоинството на другиот.

Ципрас во интервјуто за ЕРТ, неколкупати ја употреби фразата ,,трговци со патриотизам‘‘ за тие и во двете земји кои се противат на постигнувањето договор.

Притоа, грчкиот премиер коментираше дека опозициите во двете земји имаат идентични позиции, дури и изјавите им биле исти.