Балкан
8. January 2019 - 16:28

Мицотакис на Меркел ќе ѝ ја повтори позицијата на Нова демократија за Договорот од Преспа

Во пресрет на посетата на Ангела Меркел на Атина, која освен со претседателот и премиерот на Грција ќе се сретне и со лидерот на Нова демократија, портпаролката на грчката опозициска партија, Мариа Спираки, вели дека Мицотакис на германската канцеларка ќе ѝ ја повтори позицијата на неговата партија во однос на Договорот од Преспа.

-Госпоѓата Меркел ги знае позициите на Нова демократија за прашањето за Скопје и господинот Мицотакис ќе ги повтори овие позиции на средбата што ќе ја имаат: Нова демократија нема да го ратификува Договорот од Преспа ниту во актуелниот, ниту во следниот Парламент во кој ќе има мнозинство. Мислам дека е јасно дека господинот Мицотакис она што го кажува јавно го кажува и на средбите, рече Спираки на денешниот брифинг со новинарите.

Одговарајќи на прашање поврзано со ратификацијата на протоколот за членство во НАТО, портпаролката на Нова демократија објасни дека двата процеси се поврзани и паралелни.

-Ако не се ратификува Договорот од Преспа, не постои договор. Несогласувањето на Нова демократија со Договорот од Преспа е во срцето на овој случај. Се однесува на национален интерес. Се однесува на прашањата на јазикот и идентитетот на граѓаните на соседната земја. Во реалноста, господинот Ципрас го прифати она што не го прифатија премиерите во изминатите децени, порача Спираки додавајќи дека ова е причината зошто тие нема да го ратификуваат договорот.

Портпаролката на Нова демократија, истакна дека актуелната грчка Влада, штом Панос Каменос си замине, тогаш ќе треба да побара доверба од Парламентот, јави дописничката на МИА од Атина.

-Господинот Ципрас, се чини дека на политичкиот секретаријат на СИРИЗА рече дека дури и да си заминат Независни Грци од Владата, постои ново мнозинство од барем 151 пратеник. Го повикуваме, денес, да им каже на граѓаните кои се овие подготвени пратеници од другите партии што сега се во опозиција. И исто така да нѐ извести со кои мотиви овие пратеници, четири години подоцна изразуваат подготвеност да ја поддржат Владата, рече портпаролката на Нова демократија, барајќи одговор од грчкиот премиер.