Балкан
15. January 2019 - 10:28

Мицотaкис: Глас за доверба е и глас за Договорот од Преспа

 Глас за доверба за Ципрас е еднакво на „да“ за Договорот од Преспа, рече претседателот на Нова демократија, Кирјакос Мицотакис, во интервјуто во централното издание на вестите на грчката телевизија Антена и додаде дека тоа значи продолжување на мандатот на владата која веќе има направено голема штета на земјата и упати повик до сите пратеници, „да ги земат предвид овие последици при нивниот избор“.

Мицотакис рече дека според изјавите на пратениците кои го поддржуваат Ципрас, веројатно е дека владата ќе добие 151 глас, колку што се потребни за изгласување доверба од Парламентот, јави дописничката на МИА од Атина.

-Но, господинот Ципрас нема да ја ужива довербата од народот. И затоа повторувам дека најкоректното решение денес, најчистото решение се избори. Избори сега. Посакувам господинот Ципрас да не добие 151 глас, рече Мицотакис во интервјуто.

Тој го повтори ставот на неговата партија дека разделбата на коалициските партнери во грчката Влада всушност е договорена и режирана, а владата на СИРИЗА- Независни Грци и денес постои, бидејќи „едноставно се споија и веќе се едно“.

Прашан за тоа што тој како премиер би направил, доколку договорот е веќе ратификуван од грчкиот Парламент, Мицотакис рече дека треба да биде искрен и реален дека во тој случај „Скопје влегува во НАТО и нема враќање назад“.

-Од моментот кога овој договор ќе се ратификува од грчкиот Парламент и во исто време, во ист момент, ако не во ист момент, тогаш неколку дена подоцна, ќе се ратификува протоколот за интеграција во НАТО, Скопје влезе во НАТО. Готово е. Влегоа. Но, внимавајте, следниот ден не влегуваат во Европската унија. Сакам да бидам апсолутно јасен. Никогаш од мене нема да чуете: Му посакувам добредојде на македонскиот премиер во нашата земја“. Ова нема да го слушнете следниот ден. Патот на Скопје кон ЕУ е долг процес и е тек што во голема мера ќе зависи од тоа дали Скопје ќе покаже добрососедски односи со Грција, објасни Мицотакис.

Во случај да не помине договорот, лидерот на Нова демократија вели дека тогаш преговорите почнуваат од почеток

-Договорот не постои ако не помине во парламентот. Постојат два случаи. Или да не биде изгласан од парламентот, што значи во овој случај законски почнуваме од нула или да се распишат избори- тоа е она што го посакувам јас – пред договорот да се ратификува од парламентот. Следната влада, преговорите ќе ги започне од почеток,

Во однос на тоа дали Нова демократија се согласува со сложено име со вклучен термин Македонија, Мицотакис вели дека позицијата на неговата партија е непроменета, но објаснува дека името е поврзано со останатите елементи.

-Ако се договоревме дека името на Скопје ќе беше „Република на Централен Балкан“ и скопјаните ќе ги задржеа македонската националност, македонскиот јазик и македонскиот идентитет, би ни се допаѓал овој договор или не? Мене не би ми се допаднал. Според тоа, името е неразделно поврзано со останатите елементи на договорот, кои на крајот се оние кои, во најголема мера, го прикриваат иредентизмот на нашите северни соседи, објасни Мицотакис.

Лидерот на Нова демократија вели дека договорот е напишан на такво начин што постои и националност и идентитет.

-Видете го она што го кажува господинот Заев. Земете ги официјалните негови изјави. Што вели господинот Заев? „За прв пат од Грција го добив она што секогаш го барав, македонски јазик, македонски идентитет, македонска националност. Ние сме Македонци“, вели господинот Заев, се гордее со тоа и навистина договорот му дава можност да го кажува тоа. Со други зборови да ја монополизира Македонија. Ова е нешто што јас нема да го прифатам и сакам да уште еднаш бидам сосема јасен. Очигледно е дека ќе гласаме против договорот кога ќе дојде во парламентот, а во случај претходно да има избори, следната влада на Нова демократија нема да го ратификува договорот, рече Мицотакис за ТВ Антена, пренесе МИА.

Тој воедно истакна дека никогаш немал притисоци за Договорот од Преспа, а неговите ставови ги објаснил уште од прв момент пред Европската народна партија. ср/сд/