Македонија
13. November 2019 - 15:56

Мицкоски: Зголемувањето на платите на наставниците и професорите е лага

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска на прес-конференција рече дека зголемувањето на платите во основното и средното образование е лага бидејќи согласно новиот закон за минимална плата, кој е во собраниска процедура и Колективниот договор на Синдикатот и МОН од 2010 година, платата на наставниците би изнесувала 36.700, а не колку што е предвидено од 1 јануари 2020 година.

Мицкоски во своето објаснување рече дека во моментот просечната плата исплатена заклучно со октомври 2019 година во средното образование е приближно 23.680 денари, а со предвиденото десетотстоно зголемување од 1 јануари 2020 година оваа плата ќе биде 26.000 денари.

– Во овој колективен договор јасно во членот 34 и членот 35 се дефинира што значи најниска плата во образованието и како се пресметуваат нето платите на вработените во образованието вклучително и образовниот кадар, но и вклучително и техничкиот персонал кој што е дел од образовниот процес, рече тој.

Мицкоски посочи дека според колективниот договор кој што претходно го споменав професорите во средното училиште и наставниците во основните училишта имаат коефициент на сложеност во подгрупа три од 2, 533.

-Според членот 34 и 35 платата се добива кога овој коефициент ќе се помножи со минималната плата или таа денеска требаше да изнесува 31.660 денари. Т.е. да бидам попрецизен за 5.660 денари повеќе од тоа што е предвидено со покачувањето од 10% кое што овие лажливци им го понудија на професорите во основното и средното образование. Со зголемувањето на минималната плата која што е во процедура во Парламентот на ниво од 14.500 денари тогаш платата согласно Законот за минимална плата и согласно Колективниот договор на професорите во основното и средното образование треба да биде 36. 700 денари односно 10.700 денари повеќе од тоа што во овој момент е предвидено со зголемувањето од 10 отсто, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Владата на Заев, според Мицкоски, е досега најнеспособната влада, и оти по изборите доаѓа Влада која ќе направи вистинско зголемување на платите во образованието.

Мицкоски зборуваше за неостварените проекти од Планот за живот во Македонија на СДСМ, и притоа потенцираше дека во делот на образованието иако беше ветувано не е реализирано секој млад човек веднаш по завршување на школувањето да добие вработување. Екстерното оценување е укинато, а за сметка на тоа е воведено државно тестирање. Образовните предмети не се намалени, не е сменет системот за оценување, како што ветуваа, а не е воведено ниту задолжително едногодишно предучилишно образование, наставниците и училиштата не се мотивираат парично.

– Ова не само што не е реализирано, туку вакви средства не се предвидени ниту во буџетот во следната 2020 година, рече Мицкоски.

Додаде дека не е формиран Институт за развој на образованието ниту дека е формиран Научно- истражувачки центар за талентирани ученици.

– До ден денес нема никаква повратна информација од државните комисии кои ги евоулирале учебниците кои што ги затекнале во основното образование. Да бидам попрецизен нема нови учебници. Но и тие кои што постојат доцнат со печатење и воопшто ги нема, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

За најавеното зголемување на пензиите за следната година во новиот Буџет, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски рече дека според нивните пресметки во изминатите три година на пензионерите не им биле исплатени околу 1.400 денари согласно Законот за пензиско инвалидско осигурување, а сега се најавува покачување на пензиите за 700 денари.

-Граѓаните треба да си го постават прашањето зошто токму сега се зголемуваат пензиите, а не три години по ред. Ние пресметавме дека станува збор за финансиски средства што не им беа исплатени на пензионерите со интервенција во Законот за пензиско инвалидско осигурување некаде околу 1.400-1.500 денари во изминативе три години. Сега како што слушнавме вчера во Буџетот од 2020 година предвидена е мерка за зголемување на пензиите за отприлика 720 денари, што значи дека имаме прво кратење од 1.400 изминативе три години за да сега имаме зголемување на 720 денари. Тоа е уште еднаш двојното лице на Зоран Заев. Затоа тука треба секој од нас да си го постави прашањето зошто во минатото кратеше, а зошто денеска зголемува. Ќе повторам уплашен е он, уплашени се сите околу него затоа што доаѓа одговорност после 12-ти април 2020 година, рече Мицкоски на прес-конференции.

Првичната анализа на предложениот Буџет за 2020 година, според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ е загрижувачка.

-Растот на економијата е предвиден на ниво од 3,8 отсто и тој се темели на зголемената потрошувачка. Прва работа што ќе се случи е следно, тие трошат пари што ги немаат. Затоа што треба да се задолжат една милијарда евра, а тоа се наши пари, вие треба да ги враќате. Граѓаните на Македонија треба да ги враќаат. Имаме задолжување од 10 отсто зголемено, а раст на БДП е 3,8, што значи дека ние ќе имаме нето задолжување од 6,2 отсто и се стремиме кон алармантна црвена зона, рече Мицкоски.

Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ синоќа го назначи Игор Јанушев за шеф на Републичкиот изборен штаб, а партијата се подготвува за изборите за кои Мицкоски вели дека не сака да верува дека ќе се одложат за после 12 април. Во моментот се прават анкети за околу 500 кандидати кои би се нашле на листите на партијата. Ќе ги предводат, според првичните најави, нови лица, кои досега не биле на чело на изборните листи за пратеници.