Бизнис
19. November 2019 - 16:48

Мицкоски: Зголемувањето на пензиите е лага, секој пензионер годинава загубил 6.990 денари

Лага е дека власта ги зголемува пензиите, обвинува опозицијата. Првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски вели дека со промена на методологијата за покачување на пензиите, пензионерите загубиле многу повеќе отколку што ќе добијат од јануари следната година.

Според него, поради тоа што пензиите не растат, пензионерите се борат за опстанок и нивните примања не се доволни за покривање на основните потреби.

-Во моментот ако ја набљудуваме само 2019 година вкупно пензионерите просечно годишно ќе изгубат 6,900 денари просечно. Некој повеќе, некој помалку. Да претпоставиме дека од 1.1.2020 ќе се случат оние 700 денари, практично нив ќе им биде вратено она што оваа година го изгубија. А догодина ќе изгубат дополнителни 5.972 денари, рече Мицкоски.

Според пресметките на ВМРО-ДПМНЕ, идната година пензијата би требало да порасне за 1.100 денари, доколку се користи старата методологија. А со новата, таа ќе порасне само за 700 денари.

До јануари оваа година во методологијата за покачување на пензиите подеднакво влијаеја растот на просечната плата и трошоците на живот. Новата методологија не го зема предвид растот на просечната плата.

Владата во предлог-буџетот за следната година предвидува од први јануари да ги зголеми пензиите за 700 денари.