Македонија
16. July 2020 - 16:58

Мицкоски тврди дека освоиле повеќе пратеници од СДСМ без Беса

ВМРО-ДПМНЕ освои повеќе пратенички места од СДСМ без БЕСА и со тоа го добива мандатот да ја формира идната влада. Ова е оценката на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ по првичните резултати од вчерашните избори на кои коалицијата на Заев и Касами освои пратеник до два повеќе од коалицијата предводена од Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека овие избори се одржале под силни притисоци и поткупи од власта,но дека сепак ВМРО-ДПМНЕ успеало да извојува победа во дури 41 општина. Во наредните денови ќе се обиде да преговара со останатите партии за добивање на премиерски мандат.

Принципот за коалиција победник од македонскиот блок со победник од албанскиот бил нарушен уште во 2017 година, и според тоа владата ја формира оној кој ќе собере најмалку 61 пратеник. Условот на ДУИ за премиер Албанец е неприфатлив, како и влез во Влада заедно со СДСМ.

Мицкоски, кој пред изборите се промовираше како шпицен кандидат за премиер и не е на пратеничка листа, денеска немаше конкретен одговор дали би си поднел оставка од челната позиција на ВМРО-ДПМНЕ доколку не успее да состави Влада.

Иако не очекува голема промена во пратеницчките мандати, тој најави и неколку приговири до ДИК за неточен внес на резултати од изборите во неколку места.

Ова воедно и беше прво обраќање на Мицкоски по изборите откако синоќа партијата се реши да одржи само две прес конференции и тоа со генералниот секретар Јанушев.