Македонија
25. February 2021 - 15:54

Мицкоски: Треба да има одговорност ако институциите затаиле во случајот со Мијалков

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска изјави дека по случајот со Сашо Мијалков, треба да има одговорност ако институциите затаиле, почнувајќи од премиерот Зоран Заев.

– Ниту видовме, ниту ќе видиме одговорност, затоа што криминална мафија е заортачена и владее со Македонија, изјави Мицкоски по средба со група здравствени работници.

Според него, премиерот Заев „делува нервозно, не знае каде тера и носи погрешни одлуки“.

– Можев да го забележам неговиот израз на лицето и можам да заклучам дека не само што е нервозен, туку и не знае каде тера, рече Мицкоски.

Одговарајќи на новинарско прашање, Мицковски истакна дека ВМРО-ДПМНЕ ќе ја поддржи иницијатива за интерпелацијата на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, поднесена од коалицијата на Алијансата за Албанците и Алтернатива.

Во однос на доцнењето на вакцините против Ковид-19, Мицкоски рече дека „ќе дојде и Велигден и ние уште ќе немаме вакцини“, при што одново побара оставка од министерот за здравство Венко Филипче.

– Престанете да се препелкате и престанете да го загрозувате здравјето на граѓаните, не ве бива заминете си веднаш. Помина и Нова година, помина и Божиќ, поминаа и Водици, помина и Кинеска нова година, ќе почнат и велигденските празници, ќе дојде и Велигден, а ние се уште ќе се занимаваме со глупостите на Зоран Заев и оваа Влада на СДСМ. А луѓето за жал го губат својот живот и луѓето коишто го поминале КОВИД-19 вирусот се полни со трауми, рече Мицкоски.

Тој изјави дека преставува „скандал“, тоа што, според него, „државниот попис ќе го спроведуваат партиски луѓе“.

– Јас за ова предупредив уште пред неколку недели во едно мое интервју дека СДСМ и ДУИ ќе попишуваат и практично нивните партиски војници ќе треба да бидат платени со пари од граѓаните со дваесет и три-четири илјади денари, колку што се предвидени за попишувачите, рече Мицкоски, додавајќи дека на овој начин власта сака да ги плати „партиските војници за тоа што нема кој да им работи на терен за локалните избори“ и „да направат какво-такво мапирање“.

На тој начин, според него, практично недовербата што сега постои во самиот процес ќе биде уште поголема.

– А, денеска посебно кога сме пред третиот бран од овој коронавирус, гледаме на дневна основа се зголемува бројот на лица кои се инфицирани и уште повеќе се фрла недоверба, односно сомнеж на самиот процес на попис, рече Мицкоски.

Тој оцени дека власта треба да го одложи пописот и апелираше до претставниците на меѓународната заедница „да реагираат“.

– Апелирам и до меѓународната заедница нека ги вразуми овие, бидејќи само нив ги слушаат, а не ги слушаат граѓаните. Да го откажат пописот, да не ги доведуваат граѓаните дополнително во опасност, затоа што ќе броиме мртви луѓе и ќе броиме луѓе со трауми што ја прележале оваа пандемија. Замислете 35.000 попишувачи кои што треба да влезат во 500.000 домаќинства во рок од 20 дена. Што ќе се случи? Не жариште, можете да замислите што ќе биде тоа. А, потоа следи Велигден, следи Рамазан, рече Мицкоски.