Македонија
15. April 2019 - 21:26

Mицкоски: Сиљановска Давкова е симбол на правото и правдата

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска на митинг се обрати пред граѓаните на општина Валандово, каде што порача дека ВМРО-ДПМНЕ е организација на народот и народот е организација.

Мицкоски нагласи дека овие избори се избори каде што се одлучува иднината на Република Македонија и граѓаните, нагласувајќи дека е потреба масовна поддршка за кандидатот за претседател Проф. Гордана Сиљановска Давкова.

Ова не се само претседателски избори ова е повеќе од тоа, ова се избори каде се одлучува за иднината на нашата татковина. Затоа е потребно на 21 април и на 5 мај масовно да излеземе и да го подржиме идниот претседател на Република Македонија, вели Мицкоски.

Мицкоски рече дека на вчерашниот митинг на СДСМ и Пендаровски им се случило дебакл, бидејќи граѓаните не им дале поддршка, потенцирајќи дека тоа им се случува поради тоа што на предвремените парламентарни избори во 2016 година и на локалните избори во 2017 година им ветиле низа проекти и живот на граѓаните, но ништо од тоа не исполниле.

Вчера видовме што се случи во Скопје она што требаше да се случи е оној грандиозен собир каде нашите сограѓани ќе му дадат поддршка на Пендаровски Стево, всушност се претвори во еден класичен дебакл. Но тоа е ова што го заслужуваат овие измамници кои во 2016тата на предвремените парламентарни избори а потоа за локалните во 2017тата со лаги и со измама дојдоа до тие фотељи кои што толку многу ги посакуваа изминативе години додека беа во опозиција. Затоа народот вчера им покажа дека тие не се достоинствени да говорат пред него, затоа што народот е уморен од нивните здодевни лаги и уморен што тие играат на картата на кратко помнење. Народот им кажа дека времето на нечестите измамници од политичари во Република Македонија е завршено. И дека е време за нова генерација политичари која ќе биде заедно со народот и помеѓу народот, додаде Мицкоски.
Мицкоски исто така објасни дека човек кој се срами од сопственото малцинство во соседната држава не може да бара гласови од Македонците и дека тој не може да биде претседател на Република Македонија.

Човекот кој се срами од сопственото малцинство во соседните земји денеска го гледаме на празните плоштади како бара глас повторно од Македонците. Но заборавил дека помина времето на таквите политичари како него. Помина времето на тие измамници и лажливци, вели Мицкоски.

Според него изборот е повеќе од јасен бидејќи од една страна народот може да избери помеѓу Пендаровски кој е избран на еден мафијашки начин, а од друга страна е проф. д-р Гордана Сиљановска Давкова која е симбол на правото и правдата.

Едноставен е изборот браќа и сестри, од една страна ја имаме онаа во мафијашки стил создадена коалиција, транзициска коалиција, скапа коалиција, Хилтон коалиција која што застана позади Стево Пендаровски која што е симбол на транзицискиот криминал кој што се случи во Македонија, погледнете ги луѓето кои што застанаа позади Стево Пендаровски, погледнете ги какви лицемери, луѓето кои што се виновни за сета транзициска пљачка во Република Македонија. И тие луѓе нас ни велат ќе сме оделе напред. А од друга страна ја имаме професорката Гордана Сиљановска Давкова која што е симбол на правото и правдата, бескомпромисен борец и заштитник на Уставот и законите, објасни претседателот Мицкоски.

Изборот е јасен изборот секаде во Македонија е јасен, изборот е следен претседател на Република Македонија е Гордана Сиљановска Давкова. Заедно ќе ја донесеме правдата која што ќе ја победи сета оваа неправда која што ја донесоа во Република Македонија. Сета оваа неправда распродавајќи, тргувајќи со нешто што го наследиле, што не се измачиле да го стекнат.

Мицкоски пред граѓаните изјави дека неправдите кои се случуваат со владата на СДСМ и Заев мора да престанат час поскоро бидејќи тие се само на штета на граѓаните, додека тие се богатат граѓаните секојдневно се соочуваат со се поголеми проблеми, додавајќи дека земјоделците тоа го почувствувале токму и во Валандово каде што и покрај тоа што им ветувале загарантиран откуп и поголеми субвенции не само што ги излажал и изманипулирале туку и не сакаат да ги слушнат нивните реални проблеми.

Велат направиле за земјоделието, направивте за вас од врхушката на СДСМ, вие заборавивте на чесните земјоделци, заборавивте на сите ветувања кои ги ветувавте кога бевте опозиција само за да седнете во тие фотељи, бидете искрени со народот дека за пусти работи се работи . Непријатно е и неправда е кога ќе им ветувате на младите загарантирани работни места кога сте опозиционер, кога ќе ги гледате тие млади луѓе во очи и кога ќе им ветувате, а денеска ако не сте седми братучед на Мира Дизел тешко дека ќе успеете некаде да се вработите, кажа Мицкоски.

Мицкоски на крај побара од граѓаните заедно рамо до рамо да застант со него и ВМРО-ДПМНЕ и да дадат масовна поддршка на кандидатот за претседател на ВМРО-ДПМНЕ Проф. д-р Гордана Сиљановска Давкова на 21 април и на 5 мај, бидејќи само таа може да ја врати правдината во Македонија

Ја користам оваа прилика да ги повикам сите оние луѓе кои се вработени во јавната и во државната администрација, тотално сум свесен дека сте под жесток непринципиелен притисок, со закани со уцени, од луѓето кои се властодршци овде во Валандово. Но не им се плашете, недели се во прашање излезете на 21 април, вие сте суверен владетел на вашиот глас позади кутијата. Ајде да ја донесеме заедно правдата, само кукавиците се закануваат. Ајде да се обединиме за идниот претседател на Република Македонија а тоа е Проф. д-р Гордана Сиљановска Давкова, заврши Мицкоски.