Македонија
1. March 2018 - 13:09

Мицкоски: Шпекулација е дека ВМРО -ДПМНЕ има договор со власта за враќање во Парламентот

Шпекулација е дека ВМРО-ДПМНЕ се договорила со владејачките партии да се врати во Собранието и да се изгласа законот за јазици, а за возврат на тоа да бидат ослободени притворените за случувањата во Собранието на 27 април, рече денеска претседателот на опозициската партија Христијан Мицкоски.

Одговорајќи на новинарски прашања по неговата прва средба со претседателот на Стопанската комора Бранко Азески, Мицкоски напомена и дека ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот законот за јазици да се повлече и наместо тоа, да се формира работна група со експерти која ќе донесе, како што рече, уставно и применливо решение.

- Оваа шпекулација ја слушам од вас. Апсолутно нема такво нешто, ниту некој зборувал за тоа. Се разбира дека мораме да ја релаксираме политичката атмосфера во државата и опозицијата треба да биде дел од тоа, но, како што велат и претставниците од меѓународната заедница, најодговорна за овозможување демократски амбиент е Владата, истакна Мицкоски.

Според него, Владата е на потег, а ВМРО-ДПМНЕ, како опозиција, е тука.

- Рековме дека ќе бидеме конструктивна опозиција во интерес на граѓаните и Република Македонија, потенцира претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Во врска со синоќешната изјава на претседателот на Собранието Талат Џафери дека амандманите за законот за јазиците не се решение, Мицкоски повтори дека законот треба да се повлече.

- Ако некој навистина и мисли добро на одредена националност во Македонија, треба да води сметка и за чувствата на останатите граѓани. Не треба да си игра ниту со нивните, ниту со чувствата на останатите граѓани на Македонија, рече Мицкоски.

На прашањето како ги оценува протестите за името Македонија, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ посочи дека неговата партија го поддржува уставно загарантираното право на секој, независно како е политички определен.

Од средбата со лидерот на ДУИ Али Ахмети закажана за во сабота, Мицкоски очекува дискусија за реалните проблеми и актуелната политичка и економска ситуација во земјата.

– Имаме ние наши факти и аргументи за многу прашања. Ќе видиме како ќе ги презентираме тие факти и аргументи, во насока на подобрување на квалитетот на живот на нашите граѓани зашто тоа е наша основна и елементарна цел – како од оваа земја да направиме подобро место за живеење. Гол популизам и ниски страсти нема да практикуваме во нашата политика, потенцира лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

И тој и Азески ја оценија нивната прва средба како конструктивна. Азески во изјавата по средбата му посака на Мицкоски побрзо враќање на власт и изрази надеж дека ќе водат континуиран дијалог за сите прашања кои се од интерес на бизнис заедницата.

- Очекувам, а тоа и му го предочив на Мицкоски, ВМРО-ДПМНЕ да ги поддржи во Собранието сите закони кои влијаат на економскиот амбиент за да не се кочи развојот, рече Азески.

Мицкоски, пак, напомена дека на новото раководство на ВМРО-ДПМНЕ му е потребна правилна навигација од бизнис заедницата, да се слушнат потребите на компаниите зашто тие креираат додадена вредност и вработувања.

– Нашата работа е да креираме соодветни решенија и кога ќе дојдеме на власт, да ги спроведеме на дело, рече Мицкоски.

Негова оценка е дека последниве девет месеци Македонија бележи исклучително лоши економски резултати со намалени странски инвестиции и индустриско производство и без визија и креативност за какво било подобрување.