Македонија
4. јуни 2018 - 20:41

Мицкоски: Секоја подарена власт нема долго да трае

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во неговото гостување на Дневникот на Сител телевизија потенцираше дека секоја подарена власт нема долго да трае и од таквата судбина нема да избега ни Зоран Заев.

Мицкоски посочи дека техничка влада по примерот на Пржино е еден од условите за да има фер и демократски избори и имајќи предвид дека првиот круг на претседателските избори е некаде во март 2019 година и 100 дена наназад логично е да се формира техничка влада од крајот на октомври или почетокот на ноември.

– ВМРО-ДПМНЕ во декември 2016 година овозможи да се случат едни такви избори, на кои што СДСМ и  Зоран Заев изгубија на тие избори, но понатаму бевме сведоци на настаните кои што следуваа.  И еве една година потоа видовме што се случува, тоа го кажав и на митингот и ќе го повторам и сега, секоја подарена влада не може долго да трае и од таа судбина нема да избега ни тој, истакна Мицкоски.

Мицкоски нагласи дека доколку овој услов не биде исполнет ќе имаме избори како последните локални избори и тоа ќе биде лош пример како се одржуваат едни демократски избори во една држава.