Македонија
2. December 2019 - 17:20

Мицкоски се нуди прв за проверка на имотот преку закон за сите политичари и носители на јавни функции

Опозицијата ќе предложи закон за потекло на имотот на судиите, обвинителите, политичарите и носителите на јавни функции.  Опозицискиот лидер вели дека аферата Кеш покажува колку е трул правосудниот систем и треба да биде силен аларм за одлучна борба против криминалот и корупцијата.

„Ќе продолжиме закон со кој ќе се овозможи проверка на потекло на имот на судии, обвинители, политичари носители на јавни функции. Да го испитаме потеклото на имотот на политичарите, и оние кои несразмерно се обогатија на грбот на народот, не само да одговараат со казни, туку да го вратат украденото од народот во буџетот на Македонија согласно Уставот. Мора да се врати одземеното на народот. Никој во оваа држава не смее да заштитува криминал, а криминалците да се чувствуваат заштитени. Еве јас ќе ги повикам институциите прв да ме проверат мене и моето семејство, но на иста таква проверка да подложи и Заев, министрите, директорите, судиите, обвинителите. Се што има индиции за нечесно стекнат имот да биде вратено кај народот.“ – вели Мицкоски

Мицкоски вели дека доколку мнозинството не даде поддршка за овој закон, ВМРО-ДПМНЕ ќе го донесе во првите 100 дена по преземањето на власта.

Опозицискиот лидер уште еднаш побара истрага за аферата кеш во која се најдоа обвинтиелите од СЈО откако беше објавено дека си исплаќале и до 4000 евра бонуси месечно. Според него, токму оваа афера покажала дека единствена пречка до правдата, останува премиерот Заев. Уште еднаш потсети на барањето на опозицијата да се забрани аболиција за политичари и го обвини премиерот дека токму тој е човекот кој најмногу ја посакува аменестијата.

„Поминуваат точно 24 часа од последниот мој јавен настап каде отворено побарав од Заев и власта да се согласат да овозможиме законски измени со кои политичари кои биле амнестирани нема да може да се занимаваат со политика, и да не може да се амнестираат луѓе кои обавувале јавна функција и имале политичка позиција, а кои се огрешиле со законот. Само ќе нагласам дека Заев кого вчера го видовме на снимено видео обраќање од кое чувме како се колне во правдата, и со оглед на тоа колку ревносно ја креваа измамата со амнестијата изминатите денови, денес наспроти сето ова ќе констатирам дека има молк и се уште ги немаат прифатено овие наши барања. Сето ова укажува дека амнестијата како пракса станува посакувана опција за веќе еднаш амнестираниот Заев и неговите луѓе.“ – вели Мицкоски.

Опозицијата побара и анкетна комисија во Собранието да го провери финансиското работење на СЈО, но нивната иницијатива Џафери ја врати бидејќи според него, не била целосна.