Македонија
1. April 2023 - 16:42

Мицкоски прифаќа уставни промени по хрватски модел

ВМРО-ДПМНЕ ќе поддржи уставни измени, ако се оди по хрватскиот модел. Мицкоски вели дека партијата ќе прифати отворање на Уставот, ама ако се потенцира дека државата е на македонскиот народ, а во неа има и малцинства.

„Република Хрватска е основана како национална држава на хрватскиот народ и држава на припадниците на националните малцинства: Срби, Чеси, Словаци, Италијанци, Унгарци, Евреи, Германци, Австријци, Украинци, Руси, Бошњаци, Словенци, Црногорци, Македонци, Бугари, Полјаци, Роми, Романци, Турци, Власи, Албанци и други...“

„Граѓаните на Република Македонија, Македонскиот народ, како и граѓаните кои живеат во нејзините граници кои се дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите, преземајќи ја одговорноста за сегашноста и иднината на нивната татковина, свесни и благодарни на своите предци за жртвите и посветеноста во нивните заложби и борба за создавање самостојна и суверена држава Македонија“

Споредбено, македонскиот и хрватскиот дел се навидум речиси исти, но доколку анализирате збор по збор, ќе забележите дека во нашиот устав, недостасуваат два збора кои се клучни за Мицкоски, а кои Хрватска ги има – национални малцинства. Доколку ова биде потенцирано пред да се набројат народите, ВМРО-ДПМНЕ нема да прави проблем да се направат уставните измени. Ова би значело дека Македонија со измената ќе биде национална држава на македонскиот народ и држава на националните малцинства.  

Сител побара став но, до овој момент СДСМ не одговори на нашите пораки за тоа како ќе реагираат на ваквиот предлог од опозицијата.

Претходно од владејачката партија рекоа дека се на ставот оти уставните измени се историска шанса.

Партиите од албанскиот блок побараа во пакет со внесувањето на Бугарите во Уставот, да се отстрани формулацијата „20 отсто“ со што албанскиот ќе стане официјален јазик.