Македонија
19. October 2021 - 16:47

Мицкоски повика на опозициско обединување, Заев му пиша на членството дека СДСМ греши но учи и се поправа

Повик за обединување на сите опозициско настроени партии, поголема мобилизација и излезност за конечна победа во вториот круг, но и рушење на актулената власт упати денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Повикот стигнува, како што рече тој, по изборните резултати од неделата според кои коалицијата што тој ја предводи победила во првиот круг и тоа со 22 градоначалника и 50 илјади гласови за советници повеќе од владејачката СДСМ.

Според Мицкоски јасно било дека во државата владее антивладино расположение. Побара поддршка и од Левица, но и од владините партнери кои се подготовени да ја сменат страната.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ потврди дека во вториот круг партијата ќе даде поддршка на Стевчо Јакимовски во Карпош и на кандидатите на Алијанса на Албанците, но и дека се уште нема одлука за Максим Димитревски во Куманово.

Во обединување, мобилизација и поголема излезност решение за изборна победа во вториот круг гледаат и во СДСМ. Лидерот Заев во писмено обраќање до членствотот вели дека граѓаните во првиот круг дале јасна порака до нив.

„Народот не е за ВМРО-ДПМНЕ. Но, во исто време народот сака многу подобар резултат и многу повисок интензитет на промени реализирани од СДСМ. Ние тоа и можеме и мораме да го испорачаме. Сите ние, секој од нас. Заедно. Граѓаните ја бараат нашата мобилизација и нашата борба за нов циклус промени. Граѓаните сакаат земјата и општините да ни одат напред и ние мораме да го дадеме максимумот за тоа да се случи. Во спротивно, режимот тропа на вратите. И веќе успеа да влезе во некои од општините“, им пишува Заев на членовите.

„Сега е време за борба, за уважување на гласот на секого и за обединување. А, ние сме борци, ние сме отворени луѓе и отворена партија и знаеме и да слушаме, и да постапуваме, и да се менуваме“, стои во обраќањето на Заев.

Лидерот на СДСМ бара од секоја општинска организација да направи анализа и веднаш да да се врати на терен, да подаде рака, како што вели, на секој глас кој бил пропуштен во првиот изборен круг. „Од нас зависи“, вели Заев во писмото до своето членство.